Во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ постои посебно место каде внимателно се чува духовното и културното наследство на Прилеп. Роднокрајното одделение претставува вистинска ризница на книги, документи, публикации и дела од автори поврзани со градот, но и простор што сведочи за богатата литературна и културна традиција на прилепскиот крај.
Низ годините, ова одделение прераснало во значаен архив на локалната меморија, каде можат да се пронајдат ретки изданија, стари весници, монографии и творештво од повеќе генерации автори.
За значењето на Роднокрајното одделение, неговото функционирање, богатството што го поседува и интересот кај посетителите, разговараме со со директорот нa библиотеката, Андриана Ристеска.
Од кога постои Роднокрајното одделение во библиотеката?
Роднокрајното одделение во библиотеката постои повеќе децении конкретно е формирано во 1971 година (55 години).
Со каква цел е формирано ова одделение?
Главната цел на формирањето на Роднокрајното одделение е зачувување на локалната историја, традиција, култура и творештвото на авторите од Прилеп и прилепско. Ова одделение сведочи за бројните автори кои низ годините твореле во и за Прилеп и претставува значаен извор за истражување и едукација на идните генерации.
Колкав фонд на книги и публикации поседува денес?
Денес роднокрајната збирка располага со богат фонд од книги од локалната средина, чии автори потекнуваат од Прилеп или пишувале за Прилеп и прилепско, кој денес брои близу 4000 книжни единици . Фондот постојано се збогатува со нови изданија и донации.


Какви материјали можат да се пронајдат во Роднокрајното одделение?
Во Роднокрајното одделение се опфатени монографски и периодички публикации, статии, магистерски и докторски тудови, атласи, графики, слики, цртежи, магнетофонски ленти, грамафонски плочи, проспекти, плакати и друг роднокраен материјал.
Во библиотеката постои и збирка на уметнички дела од роднокрајни уметници.
Дали има ретки или особено вредни изданија што се издвојуваат?
Да, во фондот се чуваат повеќе ретки и вредни изданија, меѓу кои стари публикации, први изданија на локални автори и материјали со голема историска и културна вредност за градот и регионот, од тие причини формирано е одделение за раритетни книги кои брои околу 1000 книжни единици и тука би ја споменале, Канонската Библија, Канада 1879 година, кое е најстарото издание со кое располага библиотеката.
Кои прилепски автори се најзастапени во збирката?
Во збирката се застапени голем број прилепски автори од различни области литература, историја и наука. Особено место имаат авторите кои оставиле значаен белег во културниот живот на Прилеп, како што се, Блаже Конески, Марко Цепенков, Круме Кепески, Стале Попов, Коле Чашуле и други. Оваа збирка постојано се надополнува и збогатува со нови дела на автори кои потекнуваат од Прилеп или пишуваат за Прилеп и прилепско.
Колку граѓаните и младите покажуваат интерес за ова одделение?
Интересот постои, особено кај учениците, студентите, професорите и љубителите на локалната историја. Во последните години се забележува поголем интерес кај младите за истражување на културното наследство и локалниот идентитет.
Дали ученици, студенти и истражувачи го користат фондот за научни и образовни потреби?
Да, фондот често се користи за изработка на семинарски, дипломски и магистерски трудови, како и за научни истражувања поврзани со историјата, културата и литературата на регионот.
На кој начин се збогатува роднокрајната збирка?
Роднокрајната збирка се збогатува преку набавка на нови изданија, донации од автори, институции и граѓани поврзани со локалното наследство, како и размена и задолжителен примерок на ниво на Општина.
Дали библиотеката соработува со автори и институции за донации и зачувување на материјали?
Да, библиотеката активно соработува со локалните автори, културните институции, училиштата, музеите и здруженијата со цел зачувување и промоција на роднокрајното културно богатство, преку контакти и разни настани организирани во ЈОУ Градска библиотека „ Борка Талески “ – Прилеп..
Колку е важно едно вакво одделение за зачувување на локалната историја и идентитет?
Роднокрајното одделение има огромно значење бидејќи претставува чувар на колективната меморија на градот и регионот. Преку него се зачувуваат историските факти, традиционалните и духовните вредности што го градат локалниот идентитет, но претставуваат солидна основа за роднокрајни и други библиографии, пр. Првата роднокрајна библиографијаа на прилепски автори датира од 1973 година од универзитетскиот професор Димче Атанасоски, а го опфаќа периодот од ослободувањето до 1970 година.


Дали постојат планови за дигитализација на дел од материјалите?
Секако дека постојат планови за дигитализација на дел од материјалите, што е особено значајно не само за нивно трајно зачувување , туку и за поголема достапност до читателите. Најголем дел од опремата за дигитализација е веќе набавен, но библиотеката се соочува со неколкугодишен недостаток на стручни кадри кои би работеле во тој дел. Се надеваме дека во најскоро време Министерството за култура и туризам, како и Министерството за финансии за Република Македонија, ќе имаат слух за овој горлив проблем со кој се соочува библиотеката, па ќе дадат согласност за нови вработувања.
Што би им порачале на младите за значењето на книгата и локалното културно наследство?
Нашата установа која неодамна прослави значаен јубилеј: 80 години ЈОУ Градска библиотека – Прилеп, постојано работи на промоција на културното наследство, но и на значењето на книгата како општо добро, особено кај младите генерации. За таа цел постојано се организираат настани, промоции и работилници со учениците од основните и средните училишта и со граѓанството. Во ова време на дигитализација, нашата установак сепак успева да го зачува бројот на активни членови, но прави и акции за поголемо зачленување на нови членови. Од особено значење е претставувањето на библиотеката кај младите, не само како тивок чувар на пишаното културно наследсво, туку како жив организам каде книгата живее, а мудроста се пренесува од генерација на генерација.
На младите би им порачале да ја негуваат љубовта кон книгата и читањето, бидејќи преку книгите се стекнува знаење, култура и свест за сопствениот идентитет. Локалното културно наследство е богатство што треба да се почитува, чува и пренесува на идните генерации.
















