Камо да знаев како да чувствувам
Кој може да ги разбере
нишките што ги поврзуваат нашите души?
Погледнав угоре,
небаре на неото му зборувам.
Над нас се распослале ѕвезди.
Си го покривам лицето со дланките за да не ме удри в лице
неразбирливата длабочина на ноќта.
До кој степен можа да бидат туѓинци оние што живеат заедно?
Зборовите ми излегуваат од усните, како палави деца растрчани по полето.
Туѓинци во срцето,
тоа сме сите ние,
продолжувам низ шепот.
Што би се случило кога би погледнале во срцето на другиот?
Би останале ли заедно доколку дознаеме дека тој во себе крие некој друг што воопшто не личи на нас?
Би си простиле ли?
Би продолжиле да се омајуваме од привидот на божемната среќа?
Тоа што го бараш веќе го имаш, вели.
Треба самода го научиш срцето да го препознае.
Да си одиме дома,
ја мушнува својата топла дланка во мојата.
Ја погледнувам.
Под закрилата на мракот таа се смешка.
Ѕвездите врнат во нејзините очи.
И заблазнувам на дарбата другите да ги доживува онака како што се доживува природата чисто и отворено.
Камо да знаев како да чувствувам.
Ѓорѓиоска Марија
















