Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“, на 5 јуни (петок) со почеток во 18:30 часот, ќе биде отворена годишната изложба „Детски цртеж“ на Ателје Артика. Изложбата ќе може да се посети до 12 јуни 2026 година. Ќе бидат изложени 150 цртежи на ученици кои посеетуваат настава во ателјето. Изложбата е поддржана од Министерство за култура и труизам.
Основано во 2021 година, Ателје Артика е простор посветен на креативноста, уметничкото истражување и развојот на ликовниот израз. Во ателјето се реализираат часови по цртање, сликање, графика и скулптура, наменети за деца, млади и возрасни со различни интереси и нивоа на искуство.
Преку внимателно осмислен образовен процес, Ателје Артика ја поттикнува љубопитноста, креативното размислување и индивидуалниот уметнички развој на своите ученици. Наставата е насочена кон стекнување технички знаења, но и кон охрабрување на личниот израз и создавање дела со сопствена автентичност.
Ателјето е предводено од Елена Димоска Николоска и Методи Исков, кои преку своето искуство и посветеност создаваат средина што поттикнува учење, истражување и инспирација преку уметноста и креативното изразување.
Годишната изложба „Детски цртеж“ ќе претстави дел од творештвото на младите учесници во ателјето, нудејќи увид во нивната креативност, талент и уметнички развој во текот на изминатата година. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со разновидни ликовни изрази и детски погледи преточени во цртежи и други визуелни форми.

















