ПРОМОЦИЈА НА ДВЕТОМНОТО ИЗДАНИЕ „ДРАМИ“ ОД ДЕЈАН ДУКОВСКИ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Во рамките на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, во недела, 7 јуни, со почеток во 18 часот, во холот на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде промовирано двотомното издание „Драми“ од еден од најзначајните современи македонски драмски автори, Дејан Дуковски.
На настанот ќе се обратат уредничката на изданијата Оливера Ќорвезироска и Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и авторка на поговорот во книгите. Промоцијата е дел од програмата посветена на Дуковски, кој годинава е Автор во фокус на фестивалот.
Изданијата, насловени „Драми – Книга 1“ и „Драми – Книга 2“, се објавени во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, под импринтот „Арс Либрис“, дел од издавачката куќа „Арс Ламина“.
Во првата книга се застапени драмите „Балканот не е мртов“, „Буре барут“, „Маме му ебам кој прв почна“, „Другата страна“ и „Празен град“, а содржи и предговор од истакнатиот режисер Слободан Унковски, долгогодишен соработник на Дуковски.
Втората книга ги обединува драмите „Утерус“, „Изгубени Германци“, „Дух кој оди“, „Последниот балкански вампир“ и „Црно злато (Опиум или Пари)“, најновиот драмски текст на Дуковски, кој годинава ја имаше својата праизведба во Белград, а до крајот на годината ќе биде поставен и на сцената на Македонскиот народен театар во Скопје.
Двете книги претставуваат значаен придонес за македонската книжевна и театарска сцена, овозможувајќи им на новите генерации читатели да го откријат, а на љубителите на театарот повторно да му се навратат на творештвото на еден од највлијателните македонски драматурзи.
Во рамките на настанот ќе настапат и студенти од Факултетот за драмски уметности, а ќе биде отворена и изложба на постери од претстави поставени според драмските текстови на Дуковски.
Книгите веќе се достапни во книжарниците низ земјата, онлајн преку www.литература.мк, а посетителите ќе можат да ги набават и за време на промоцијата.


Сподели на социјалните мрежи