Тивко понира срцево
Тивко понира срцево протнувајќи се низ теснините
Се врвчи и понира неосетно
Понира како преспанските води загубени под Галичица
Оголува, суши, точи и преточува…
Плими и осеки од најголеми длабини,
нови крајолици разоткриваат,
чиниш езерски длабини приказ станале на очиглед на денот.
Тивко понира срцево заобиколувајќи го разумот
Кривулкави патеки прави- искушение за волјата!
Се пробива низ теснини кои ѝ се потсмеваат на логиката-
неразумни се во својата очигледна логичност!
Тивко понира срцево како слепец воден од невидливото
Џбара низ непознатото…
Во надојдената храброст не се двоуми,
гледа во целото суштествување невидливо за голо око.
Тивко понира срцево во чудесните вртлози на длабините,
вртлози несфатливи на катадневието.
Вера Искова
















