Љубителите на младинската уметност и домашната продукција ќе имаат можност да присуствуваат на премиерното прикажување на филмот „Девојките на Марко“, најнов проект на драмската секција „Слободно театарче“ при СОУ „Ѓорче Петров“ од Прилеп.
Премиерата ќе се одржи на 18 јуни 2026 година (четврток), со почеток во 20 часот, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Филмот е работен по мотиви на истоимениот роман од македонската писателка Оливера Николова и обработува теми кои и денес се особено актуелни – значењето на семејството и меѓусебните односи, чесноста, правичноста, одговорноста и пожртвуваноста. Во приказната свое место имаат и младешката игра, забавата и потребата од слобода, а низ сите настани како централна вредност се провлекува љубовта – младешка, родителска и семејна.
Во актерската екипа настапуваат Тоше Тодороски, Филип Сотиров, Марко Стојаноски, Исидора Николоска, Филип Стојаноски, Марија Стеваноска, Марија Котева, Тамара Димитриеска, Викторија Костадиноска, Ивана Ангелеска, Марта Шаркоска и Саша Бошков.
Техничката реализација е поддржана од Вилијам Спиркоски, Сара Павлоска и Михаил Тркалески, додека проектот е реализиран под менторство на професорката Билјана Тинтоска и во режија на Филип Стојаноски. Филмот е продукција на Дамјан Аврамоски.
Од драмската секција најавуваат вечер исполнета со многу смеа, но и со пораки кои ќе ја поттикнат публиката да размисли за вистинските животни вредности.
Цената на билетот изнесува 150 денари, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели.
За резервација и набавка на билети заинтересираните можат да се обратат кај Тоше Тодороски на телефонскиот број 077 500 095.
















