ДЕНЕС СЕ ДОДЕЛУВААТ НАГРАДИТЕ НА 60. МТФ „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“ – ФЕСТИВАЛОТ СЕ ЗАТВОРА СО „ЦРНО ЗЛАТО“

Сподели на социјалните мрежи

По седум фестивалски дена исполнети со театарски возбудувања, денес во Прилеп ќе биде спуштена завесата на јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Последниот фестивалски ден започнува во 19 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ со свеченото затворање на фестивалот и доделувањето на наградите за најдобрите остварувања од годинашната програма.
По церемонијата на доделување на наградите, во 20 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе биде изведена претставата „Црно злато“ на Београдско драмско позориште од Белград, Србија, по текст на македонскиот драмски автор Дејан Дуковски и во режија на Оливер Фрљиќ. Изведбата има и дополнителна симболика, бидејќи токму Дуковски е годинашниот „Автор во фокус“ на фестивалот, признат по својот силен драмски израз, современ театарски јазик и темите што длабоко навлегуваат во општествената стварност.
Во „Црно злато“, Дуковски го става драмскиот фокус на семејство зафатено од повеќекратни транзиции – општествени, политички, етички, но и родови. Ветениот премин од еден во друг политички систем никогаш не завршил, а доминантните вредности останале заробени помеѓу она што било и она што требало да дојде. Во такви околности се појавува Ангела – успешна деловна жена, нашинка која живее во Шпанија. Нејзиното доаѓање отвора низа семејни прашања и тајни, а низ развојот на дејствието постепено се открива дека таа всушност е изгубениот син Ангел.
Претставата е работена по текст посветен на драмскиот автор Горан Стефановски. Во актерската екипа настапуваат Милутин Милошевиќ, Наташа Марковиќ, Ања Ќурчиќ, Јана Милосављевиќ, Милан Зариќ, Амар Ќоровиќ, Бојана Стојковиќ, Љубомир Булајиќ и Ана Јанковиќ. Претставата трае 100 минути, а својата премиера ја имаше на 14 март годинава.
Со прогласувањето на добитниците на фестивалските награди и изведбата на „Црно злато“, вечерва ќе биде заокружено јубилејното 60. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој и оваа година го потврди своето место како најзначајна национална театарска манифестација.


Сподели на социјалните мрежи