Љубителите на класичната музика ќе имаат можност да уживаат во солистичкиот концерт на младата пијанистка Кристијана Илиевска, кој ќе се одржи на 24 јуни 2026 година (среда) со почеток во 20 часот во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Кристијана Илиевска е ученичка од Државното музичко училиште – Битола, каде своето музичко образование го гради под менторство на проф. м-р Билјана Димовска. На концертот таа ќе се претстави со пијано-рецитал, покажувајќи го својот досегашен уметнички развој и музичка зрелост.
Настанот е можност прилепската публика да се запознае со талентот на една млада музичарка која со посветеност и љубов кон класичната музика го трасира својот пат на домашната музичка сцена.
Концертот ќе се одржи во пријатниот амбиент на фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“, а се очекува да привлече љубители на пијаното и класичната музика, како и поддржувачи на младите уметници.
Влезот е слободен.















