„ПОЕТСКО МАРКУКУЛЕ 2026“ – МЕЃУНАРОДНА ПОЕТСКА СРЕДБА ШТО ОБЕДИНУВА НАД 200 АВТОРИ ОД СВЕТОТ

Сподели на социјалните мрежи

Во тек се подготовките за меѓународната поетска манифестација „Поетско Маркукуле 2026“, која од 2019 година ја организира Клубот на литературни творци – Прилеп.
Манифестацијата има за цел да ја негува и афирмира современата поезија, да ги поврзува авторите и да создава нови литературни пријателства и соработки.
Успешно заврши првата фаза од проектот. На објавениот конкурс се пријавија над двесте поети од регионот и пошироко, меѓу кои од Македонија, Црна Гора, Србија, Бугарија, Хрватска, Германија, САД и Австралија. Нивните творби ќе бидат застапени во заедничкиот зборник „Поетско Маркукуле 2026“, кој е во завршна фаза на подготовка и ќе биде претставен и доделен на самата манифестација – по еден примерок за секој автор.
Културната средба ќе се одржи на 15 август 2026 година и ќе обедини голем број поети и литературни творци, кои преку своите авторски дела ќе ја претстават сопствената поетска мисла, љубовта кон зборот и уметноста, создавајќи атмосфера исполнета со емоции и инспирација.
Во програмата се предвидени поетски читања, дружење меѓу учесниците и љубителите на литературата, како и размена на творечки искуства во духот на меѓусебна почит и културна соработка.
Организаторите упатуваат отворена покана до сите љубители на поезијата да бидат дел од овој поетски празник и заедно да ја почувствуваат магијата на стихот и силата на поетскиот збор.


Сподели на социјалните мрежи