ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРА НА „ГОСПОЃА БОВАРИ“ ВО НАРОДНИОТ ТЕАТАР БИТОЛА

Сподели на социјалните мрежи

Вечерва, 25 јуни, со почеток во 20 часот на сцената на Народниот театар Битола премиерно ќе биде изведена претставата „Госпоѓа Бовари“, во режија на Дејан Пројковски.
По повод премиерата, во Народниот театар Битола беше одржана прес-конференција на која беа претставени авторскиот тим, актерската екипа и креативниот процес зад новата театарска продукција.
Пред претставниците на медиумите се обрати директорот на Народниот театар Битола, Васко Мавровски, кој истакна дека му претставува особена чест што режисерот Дејан Пројковски е дел од најновата продукција на театарот.
„Тешко е да се зборува за Дејан Пројковски без да се употребат зборови како врвен уметник и театарски гигант. Иако денес е препознаен и ценет насекаде, за нас тој е пред сè битолчанец и човек кој секогаш се враќа дома. Затоа ми е особено драго што токму тој ја режира оваа претстава“, истакна Мавровски.
Тој нагласи дека претставата се реализира во соработка со ЈОУ Културен и информативен центар – Битола и е дел од програмата на Битолското културно лето – БИТФЕСТ.
Режисерот Дејан Пројковски упати благодарност до Народниот театар Битола и до директорот за довербата да ја реализира претставата, истакнувајќи дека зад неа стојат огромна посветеност, труд и љубов кон театарската уметност.
На прес-конференцијата говореа и актерите Маја Андоновска Илиевски, која го толкува ликот на Ема Бовари, и Никола Стефанов во улогата на Леон. Тие зборуваа за процесот на работа и за актуелноста на ликот на Ема Бовари, нагласувајќи дека и денес многу жени ќе можат да препознаат дел од своите соништа, желби, разочарувања и стремежи во оваа безвременска приказна.
Претставата е работена според романот на Гистав Флобер, а авторскиот тим го сочинуваат режисерот Дејан Пројковски, драматургот Сашо Димовски, сценографот Валентин Светозарев, костимографот Андреј Ѓоргиевски, кореографката Олга Панго и композиторот Горан Трајкоски.
Во актерската екипа се Маја Андоновска Илиевски, Иван Јерчиќ, Огнен Дранговски, Никола Стефанов, Мартин Мирчевски, Сандра Грибовска Илиевска, Петар Мирчевски, Борче Ѓаковски и Ива Лазарова.
По вечерашната премиера, следните изведби на „Госпоѓа Бовари“ се закажани за 4 и 7 јули 2026 година, со почеток во 20 часот.


Сподели на социјалните мрежи