Салата на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ синоќа беше исполнета до последното место, што уште еднаш потврди дека прилепчани имаат интерес за квалитетни предавања и актуелни теми од областа на психологијата, филозофијата и личниот развој.
Во организација на Друштвото за наука и уметност Прилеп, универзитетскиот професор и доктор по филозофски науки Зоран Крстевски одржа предавање на тема „Методи за справување со стресот и анксиозноста“, кое предизвика големо внимание кај присутните.
Пред почетокот на предавањето, на присутните им се обрати претседателката на Друштвото за наука и уметност Прилеп, д-р Силвана Пашоска, која го претстави предавачот, осврнувајќи се на неговата стручна и академска биографија, а воедно ја истакна и целта на организирањето на ова предавање, нагласувајќи ја актуелноста и важноста на темата за современиот начин на живот.
Со својот непосреден и интерактивен пристап, Крстевски уште еднаш се покажа како интересен и инспиративен говорник за прилепската публика. Наместо само теоретски осврт, тој говореше за секојдневните предизвици со кои се соочуваат луѓето, за предрасудите што често сами си ги наметнуваме, за начинот на кој размислувањето влијае врз нашето ментално здравје, како и за важноста на позитивниот поглед кон животот.
Посебен акцент беше ставен на развивањето вештини за справување со стресот, анксиозноста, проблемите и животните предизвици, при што професорот понуди практични совети и насоки што секој може да ги примени во секојдневниот живот.
Предавањето се одвиваше во пријатна атмосфера, а прашањата и дискусијата на крајот потврдија дека темата е исклучително актуелна и дека ваквите настани се значајни за локалната заедница.
Со ова предавање, Друштвото за наука и уметност Прилеп уште еднаш покажа дека преку организирање на содржини со врвни предавачи придонесува за збогатување на интелектуалниот и културниот живот во градот.















