ГОДОВИТЕ НА ВРЕМЕТО, Дана Тембелеска

Сподели на социјалните мрежи

ГОДОВИТЕ НА ВРЕМЕТО

Помеѓу круговите околу срцевината
од дрвото живот наречено
се втиснало распетие
мирот да ни го дарува заречено.

Ние, помеѓу годовите распнати,
во обид достојно да живееме,
прескокнувајќи од круг во круг
растргнати помеѓу блудот и честа постоиме.

Знаеме, времето неповратно истекува,
сепак тоа на крајот го воспримаме,
несвесни за ѕвонот на камбаните низ дните
ќе ни остане ли време да се преиспитаме!?

Осознаваме доцна, земјата е ан за спокој ил грев
растргнато коначиште на судбински спој,
свиткани ко сарми се исполнуваме со гнев
кога одбројување ни следи низ солзи рој.

Тажно го реконструираме истекот
помеѓу молкот и дадениот збор
низ составните елементи на рокот
постоиме ние останати без одговор.

Автор – Дана Тембелеска
Член на Литературниот Клуб Прилеп


Сподели на социјалните мрежи