Во паркот кај Могилата на непобедените сношти се одржа свечен настан во организација на Општина Прилеп, на кој беа наградени најуспешните ученици од основните и средните училишта, како и првенците на генерациите.
Настанот беше посветен на младите кои во текот на учебната година постигнале значајни резултати на државни и меѓународни натпревари, а со тоа го претставувале Прилеп на најдобар можен начин.
Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, кој истакна дека младите се вистинските „амбасадори на знаењето“ и најголемата гордост на градот.
Тој информираше дека во текот на оваа учебна година биле наградени вкупно 220 ученици, што, како што рече, е доказ за континуираниот успех и квалитетот на младите од Прилеп.

„Ова беше вечер посветена на знаењето, трудот, упорноста и соништата. Вечер во која покажавме дека Прилеп знае да ги цени оние што со своите успеси го претставуваат нашиот град на најубав можен начин“, истакна Проданоски.
Тој додаде дека локалната самоуправа не останува само на морална поддршка, туку обезбедува и конкретна финансиска стимулација за најуспешните ученици. За таа цел, од општинскиот буџет се издвоени над еден милион денари. Согласно Правилникот на Општина Прилеп, за освоени места на државни натпревари се доделуваат награди од 5.000, 6.000 и 7.000 денари, додека за меѓународни натпревари наградите изнесуваат 7.500, 8.000 и 9.000 денари, во зависност од освоениот пласман.
Свеченоста беше збогатена со музичко-забавна програма, за која се погрижија ДЈ Ангела Димеска и групата „The Doctors“, а настанот беше поддржан и од повеќе општествено одговорни компании.
Со оваа манифестација, Општина Прилеп уште еднаш испрати порака дека вложувањето во знаењето и младите останува еден од најважните приоритети. Токму тие – младите „амбасадори на знаењето“ – се најголемата гордост и иднината на Прилеп.
















