Со богата културно-уметничка програма, во манастирскиот комплекс „Св. Илија“ во Мариово, во неделата (28 јуни), беа одбележани јубилејните 40. Мариовско-мегленски културни средби – манифестација која веќе четири децении го негува и афирмира културното наследство на Мариово и Меглен.
Манифестацијата, во организација на Здружението „Мариовско-мегленски културни средби“, и оваа година беше посветена на зачувувањето и афирмацијата на богатото културно и духовно наследство, народните обичаи, фолклорот и традиционалните вредности.
Свеченото отворање го означи претседателот на здружението Стојан Ѓуровски, додека поздравно обраќање имаше и градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски. Тој истакна дека оваа манифестација претставува значаен симбол на истрајност, заедништво и културен идентитет, нагласувајќи дека локалната самоуправа ќе продолжи да ја поддржува и афирмира.
Во своето обраќање, Проданоски порача дека Мариово претставува „симбол на непокорен дух и богатство што треба да се чува и пренесува на идните генерации“, додавајќи дека ваквите настани се важни за развојот на руралниот туризам и зачувувањето на традицијата.
Во рамките на програмата беше реализирано излагањето „Неколку зборови за културното наследство во Мариово“ на Тренчо Димитриоски.
Културно-уметничката програма ја збогатија настапите на пејачката група „Орхидеја“ од Прилеп, пејачката Софија Коческа, ансамблите за фолклор „Гоце Делчев“ од Битола , Стив Наумов“ од с. Логоварди, Фолклорниот центар и ансамбл „Божица“ од Битола, заедно со Студио „Езгија“. На манифестацијата настапи и младиот гајдаџија од Прилеп, Мирче Петкоски.
По официјалниот дел, традиционално следуваше заедничка веселба и ручек за учесниците и посетителите, во духот на заедништвото што ги карактеризира овие средби.
Манифестацијата уште еднаш потврди дека Мариовско-мегленските културни средби се значаен чувар на традицијата и живо културно наследство што ги поврзува генерациите и го одржува жив духот на регионот.
Мариово и оваа година испрати порака дека традицијата продолжува – силна, жива и длабоко вкоренета во идентитетот на луѓето од овој крај.






















