„СПОМЕНИ ОД МИНАТИОТ ВЕК“ – ВЕЧЕР ИСПОЛНЕТА СО ЕМОЦИИ, ВИРТУОЗНОСТ И МУЗИЧКИ РЕМЕК-ДЕЛА ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ синоќа беше исполнето со љубители на класичната музика кои уживаа во концертот „Спомени од минатиот век“, во изведба на камерното дуо Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова – Митуш.
Младите пијанисти, кои настапуваат како камерно дуо од 2025 година и се усовршуваат во класата на проф. д-р Нина Костова на Факултетот за музичка уметност во Скопје, приредија музичка вечер што ја воодушеви прилепската публика. Од самиот почеток беше забележлива нивната одлична меѓусебна комуникација и уметничка усогласеност – кога едниот ја водеше музичката мисла, другиот со исклучителна прецизност и чувство ја надополнуваше, создавајќи хармонична и впечатлива целина.
Публиката имаше можност да ужива во виртуозните изведби на делата од циклусот „6 Morceaux“, опус 11 од Сергеј Рахмањинов – Barcarolle, Scherzo, Theme Russe, Waltz, Romance и Slava, како и во едно од најпознатите дела на Џорџ Гершвин – „Rhapsody in Blue“. Ваквата програмска комбинација претстави две различни музички естетики кои оставиле длабока трага во музиката на 20 век – романтичната експресивност на Рахмањинов и препознатливиот спој на класичната музика и џезот кај Гершвин.


Во текот на концертот беше очигледно колку двајцата уметници уживаат во музицирањето. Нивната посветеност, емоционална интерпретација и сигурна техника лесно се пренесоа и на присутните, кои со големо внимание ги следеа сите композиции, а секоја изведба ја наградуваа со долг и искрен аплауз.
Концертот уште еднаш потврди дека младите македонски музичари успешно ја продолжуваат традицијата на врвната музичка интерпретација.. Со својот талент, зрелост и одлична сценска комуникација, Михаил Јагуриноски и Искра Атанасова – Митуш приредија вечер која долго ќе остане во сеќавањето на прилепската публика.


Сподели на социјалните мрежи