УТРЕ
Не ми ја крадете песната!
Што ќе ви се овие рани
со лажни украси прекриени,
и со немир исполнета душа?
Што ќе ви се изгаснати ѕвезди
во оловните облаци потопени,
во трње зауздана и смирена ѕверка,
во злокобна тишина?
Само овде во стиховите
по некој знак на живот ќе застане…..
Не ми крадете песната
сама ќе ви ја дадам,
утре,
кога ќе постанам странец
пред затворената врата на новото утро,
и само дамка во сеќавањето
на оние кои уште смеат да влезат.
Утре,
кога моето тело ќе биде само тело,
а моите песни ќе постанат сирачиња
со неизвесна иднина.
Утре, ќе ви зборувам
со шепотот на ветрот и
жуборот на водата
утре, оти денес
уште сум зафатена,
со барање на самата себе.
Весна Шереметкоска
(ОД ЗБИРКАТА ,,ИЗВОРОТ СОЛЗЕН“)
















