ПРОМЕНИ СЕ
Промени се – ме советуваат катаден !!!
Наведни ја главата – ме советуваат душегрижниците !!!
Затвори ги очите – ми одѕвонува во ушите !!!
А зошто ? За кого ?
Па во мене клокотат илјадници вулкани
и срцето сака да ми се распарче
за да го поделам на гладните ( во срцата)
на сиромашните ( во душите)
на онеправдените ( кои молчат од немоќ)
на оние кои сакаат да се променат – а не можат
на оние кои можат, а не сакаат
на сите вас кои само зборувате,
а се плашите и од новиот збор
а камо ли своите животи да ги промените .
Јас не сакам промени ,
мојата кожа и онака ми е тесна
и одамна остарела од преслекувања
се стуткала во дланката на секојдневието
и ништо не може да ме изненади
освен новиот ден и изгрејсонцето .
Променете се вие ,
и не сокривајте се под перниците
тие еден ден ќе ве угушат
и ништо не ќе остане од вас
само пепелта расфрлена
по ќошињата на заборавената совест.
Снежана Паноска















