Повеќе од една деценија Лидија Митоска-Ѓорѓиевска е дел од Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде што работи како драматург. Годинава, покрај работата зад сцената, застана и во улога на автор, откако нејзината драма „Саатот“ ја доживеа својата праизведба токму во матичниот театар. Претставата, која го отвора прашањето за односот на човекот кон времето, привлече внимание кај публиката и стручната јавност, а за авторката претставува исполнување на долгогодишен творечки сон.
Во интервју за „Клуб Деница“, Лидија Митоска-Ѓорѓиевска зборува за инспирацијата за „Саатот“, за работата како драматург, за предизвиците на современата македонска драма и за животот во семејство во кое театарот е секојдневие.
По години работа како драматург, годинава публиката Ве запозна и како драмски автор. Колку Ви значеше што токму Вашиот прв текст беше поставен на сцената на матичниот театар?
Голема чест е да се добие признание од средината која најдобро те познава. Матичниот театар е дел од мојот творечки идентитет, но и од моето чувство на припадност кон градот и луѓето што го обликуваат. Затоа, фактот што мојот прв драмски текст беше поставен токму на таа сцена го доживувам како потврда на довербата што се градела со години. Тој текст, всушност, произлезе токму од мојата средина, од мојот град и од ова време.
„Саатот“ е драма која зборува за времето, љубовта и човековата минливост. Како се роди идејата за оваа приказна и што Ве инспирираше да ја напишете?
Текстот се заснова врз еден мој расказ објавен од Окно.мк во 2009 година. Сакав да се обидам да го развијам во драмски текст и тоа го правев лично за себе, како еден вид експеримент. Во него зборувам за две спротивставени, радикално различни перцепции за тоа што треба да направиме од нашиот живот во ова време на бесконечни можности за да се чувствуваме задоволни и исполнети. Додека „се спремаме“ да почнеме да живееме и се занимаваме со одлуки, размислуваме што да правиме со себе, која професија да ја избереме, кој пат да го фатиме, каде да живееме и што навистина сакаме од нашиот живот, животот – едноставно – поминува. На мојата генерација ѝ е добро позната оваа анксиозност од донесување одлуки, односно стравот дека што и да одлучиме, нешто пропуштаме.
Текстот е напишан во 2020 година, но својата премиера ја дочека неколку години подоцна. Дали во меѓувреме посакавте нешто да промените или останавте верна на првичната идеја?
За мене делото е идејата. Всушност, кога пишувам текст, единствено нешто што ми е јасно во мојата глава е идејата. Тешкото доаѓа кога треба да го најдам вистинскиот начин на кој таа идеја ќе ја направам јасна и за другите. Во таа смисла, најчесто имам дилеми околу начинот на кој го пишувам текстот, а не околу идејата која ме натерала да пишувам. Ако еден текст успева барем во одреден степен да ја отслика мојата идеја, односно чувството кое сум сакала да го пренесам, несомнено сум ја постигнала целта. Од оваа дистанца, откако Саатот беше објавен, награден и поставен на сцена, а особено кога ја гледам публиката со солзи во очите по секоја изведба, би можела единствено да кажам дека ми е драго што сум одлучила во еден момент да ја заокружам работата на тој текст. Да го прогласам за завршен.
Во една Ваша изјава рековте дека постојат автори кои веруваат во своето дело и автори кои постојано се преиспитуваат. Каков автор е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска?
Јас сум дефинитивно од оние кои постојано се преиспитуваат – и како автор, и како личност. Не мислам дека сѐ што човек ќе напише е вредно да се сподели со пошироката јавност. Исто така не мислам дека ако сум напишала текст, се подразбира дека треба да се чита, да се поставува и сите да паѓаат во несвест од воодушевување. Не очекувам ништо такво. Освен тоа, професионално се занимавам со јазик веќе скоро дваесет години, па токму затоа пристапувам внимателно, со доза на резерва кон целата оваа работа. Ги познавам замките во кои јазикот може да нѐ фрли. Знам и дека јазикот може да нѐ натера да се изразуваме на начини кои не се автентични за нашата личност, па дури и во одредена мера да ги обликува нашите мисли и да влијае врз нашиот светоглед. Кога е човек свесен за сите овие фактори, не може да биде премногу самоуверен. Но затоа е тука театарот: тој ми ги дава потребните изразни средства за да ја постигнам целта без целосно да се потпирам на јазикот.


Како драматург секојдневно работите со туѓи текстови. Дали беше потешко да го следите процесот кога на сцена се поставуваше Вашата драма?
Да се биде дел од тој процес беше задоволство кое не можам да го опишам, но се соочив и со одредени предизвици. Имено, на режисерката, актерите и другите соработници безрезервно им верувам и им ветив дека воопшто нема да се мешам во нивната работа. Од друга страна, како драматург, имав многу забелешки во врска со текстот, но режисерката и актерите не ми ги прифаќаа забелешките и ништо не сакаа да менуваат, и тоа замислете – од почит кон авторката! Јас сум менувала и сум кратела реплики од Шекспир и ред други автори многу поголеми од оваа авторка, ама ете, некогаш едноставно човек прави компромиси за мир во екипата.
Режисерката Кристина Димитрова рече дека без македонска драма нема македонски театар. Дали сметате дека домашните автори денес добиваат доволно простор на театарските сцени?
Оваа изјава на Кристина треба да се земе како наше мото и патоказ ако навистина имаме намера да ја развиваме современата домашна драматургија. Реално, можеме да седиме и да чекаме да се роди нов Горан Стефановски, или пак да почнеме вистински да ја поддржуваме домашната драматургија како што тоа се прави во соседните земји: преку организирање сценски читања, резиденции за драмски автори, конкурси, објавување антологии и во крајна линија – фестивал на домашна драма. Таквата поддршка е клучниот фактор за поттикнување на луѓето да создаваат, но во моментов како да изостанува. Иако се поставуваат современи македонски драмски текстови во театрите, сѐ уште се наметнува еден доминантен наратив дека нема нови драмски автори, или тие што ги има не се доволно добри. Тој наратив главно го создаваат инстанци кои по секоја логика би требало да се сметаат за најрелевантни во нашата театарска заедница – на пример, последниве години сме сведоци на помпезни недоделувања награди на неколку конкурси за домашна драма, доделување награди со нагласување дека наградените драми сепак не се доволно добри, доделување две награди на ист автор одеднаш, како и исцрпни образложенија на фестивали и други театарски настани за тоа колку нашите автори, па и оние чии дела се поставени на театарските сцени, не знаат да пишуваат. Ваквиот наратив е штетен и не оди во прилог на градење политика за развој на домашната драматургија, а освен тоа, несомнено може да се сфати и како тенденциозен и неточен, особено земајќи го предвид фактот дека публиката дава стоечки аплаузи и огромна поддршка на домашните автори. Тој факт не можеме да го игнорираме.
Вашата драма „Саатот“ беше наградена од европската мрежа Еуродрам. Колку ваквите признанија се поттик за еден автор да продолжи да создава?
Токму тоа е суштината на мојот претходен одговор. Мрежата Еуродрам е можеби најдоследниот и најрелевантниот чинител, како и клучен фактор во креирањето политика на создавање, поддршка и промоција на домашната драматургија и преведување драмски текстови. Оваа мрежа, со својата тивка и посветена работа, дава пример за тоа како изгледа вистинска, а не само декларативна грижа за развојот на македонската драматургија. Имено, кога го пишував текстот „Саатот“, на памет не ми паѓаше дека некогаш ќе се постави на сцена. Во 2020 година се пријавив на конкурсот на Еуродрам, а кога ја добив наградата, режисерката Кристина Димитрова – инаку моја долгогодишна колешка и многу блиска пријателка, веднаш сакаше да го прочита. На некој начин, текстот заврши во нејзини раце токму поради конкурсот на Еуродрам. Ако не се случеше наградата, јас ниту ќе го споделев текстот со некого, ниту ќе имав желба да го објавам. Потоа Кристина со години се бореше да добие можност да го постави текстот, а јас сум бескрајно благодарна и горда што мојот текст го постави токму таа – режисерка со префинет сензибилитет и длабоко разбирање на човековата природа и на уметноста воопшто.


Повеќе од десет години сте драматург во Народниот театар „Војдан Чернодрински“. Што најмногу Ве исполнува во оваа професија, а што претставува најголем предизвик?
Кога почнав да работам во театарот, ми недостасуваше да видам како работи некој поискусен драматург со практично искуство во театар, кој ќе ми го „предаде занаетот“. Иако уште од првиот ден се чувствував како на свој терен кога стануваше збор за работа на текстот, било да е драмски или не, постоеше една доза несигурност бидејќи формалното образование е едно, а практичното искуство – нешто сосема друго. По природа сум стрплива, па веројатно тоа ми помогна да не ги брзам работите и полека со текот на времето да сфатам дека практичната работа како драматург ќе биде многу различна од процес во процес, дека е неопходно да бидам присутна во мигот, сама да проценувам и да се снаоѓам наместо да чекам некој да ми каже што треба да правам. Не знам дали ова ќе беше возможно да не бев опкружена со вистинските луѓе и нивната безрезервна поддршка. Она што го стекнав преку искуството низ овие десетина години го сметам за непроценливо богатство што не може да се добие на никаков друг начин.
Вашиот сопруг Димитар Ѓорѓиевски е актер во истиот театар. Дали дома почесто разговарате како сопружници или како луѓе кои живеат и дишат за театарот?
Кога велам вистинските луѓе, се разбира дека мислам на колегите, но пред сѐ – на Димитар. Искрено, дома се трудиме да не зборуваме за театарот и најчесто тоа ни успева.
По успехот на „Саатот“, на што работи Лидија Митоска-Ѓорѓиевска? Може ли публиката наскоро да очекува нов драмски текст или некој друг авторски проект?
Тоа што постојано ја преиспитувам сопствената работа не ми оди во прилог кога станува збор за брзо и обемно создавање драмски текстови. Имам текстови што сум ги преработувала од корен по неколку пати. Веројатно истото ќе се случеше и со „Саатот“ доколку останеше необјавен. Најголемиот предизвик за мене е моментот во кој треба да престанам да интервенирам во текстот и да го прифатам како завршен. Дури и тогаш, често се двоумам околу неговото споделување. Освен тоа, во моментов веќе работам на драматизација на Животинска фарма, па моите авторски текстови ќе почекаат уште малку. Сепак, верувам, не онолку колку што ја чекаме новата театарска зграда.
Автор на фотографиите во интервјуто: Елена Мелончели















