СОФИЈА НИКОСКА МАЏАРОСКА: ОД ПРИЛЕПСКИТЕ ПОЧЕТОЦИ ДО СВЕТСКИТЕ СЦЕНИ, А СЕГА СО ЗНАЕЊЕТО КАЈ НОВИТЕ ГЕНЕРАЦИИ

Сподели на социјалните мрежи

Виолинистката за патот од родниот Прилеп и школувањето кај Захар Брон, до концертните сцени, педагошката работа и животот како мајка
Од Прилеп започнува приказната на Софија Никоска Маџароска, но нејзината виолина со текот на годините ја носи далеку од родниот град. Уште како млада музичарка го привлекува вниманието со својот талент и посветеност, а нејзиниот пат продолжува преку Факултетот за музичка уметност во Скопје, бројни натпревари и настапи, па сè до Мадрид, каде шест години се школува кај познатиот педагог Захар Брон.
Следуваат концерти и настапи на различни сцени, соработки со оркестри и камерни состави, меѓународни натпревари и признанија. Но, зад сите тие биографски податоци стои еден долг процес на учење, работа, дисциплина и постојано надградување. Со текот на времето, Софија сè повеќе го насочува своето знаење и кон младите музичари, па покрај концертната дејност, педагошката работа станува важен дел од нејзиниот професионален пат.
Неодамна во Прилеп повторно ја слушнавме со виолината, во концертот „Гласилки“, заедно со Елена Ѓоргиевска. Денес, покрај концертната и педагошката работа, нејзиниот живот има и една нова, многу лична димензија – Софија е мајка на две деца. Така, професионалниот пат што го градела со години сега се одвива паралелно со семејниот живот и со новата улога во која, како и во музиката, сигурно се учи секој ден.
За почетоците во Прилеп, годините на школување, животот на концертната сцена, искуството што го носи од светот и неговото пренесување на новите генерации музичари, за сестрата со која растела во музичко семејство и за тоа како се менува животот кога покрај виолината ќе станете и мајка – разговараме со Софија Никоска Маџароска.
Софија, Вашата музичка приказна започнува во Прилеп. Кога ќе се навратите на најраните години, што е првото нешто што го поврзувате со виолината – љубовта кон инструментот, некој учител, семејството или едноставно чувството дека тоа е инструментот што сакате да го свирите?
Кога ќе си спомнам за самите почетоци, и за виолината, ми доаѓаат јасни, бистри сеќавања и многу благопријатно чувство кон тоа колку ми беше на почеток интересно да вежбам, да свирам, да ги совладувам оние први слатки и кратки композиции, песнички. Се сеќавам на тие кратки композиции како предизвици, и сите сугестии од наставничката, кои во почеток многу лесно ги остварував, и тоа ми носеше некое задоволство и мир. Милоста на мојата прва учителка во основното музичко училиште во Прилеп, Весна Станкоска, топлината во нејзиниот малечок кабинет кој во мојата меморија има светло-розова и жолта боја, трпеливоста и спокојното темпо на битисување на тие часови по инструмент…Како кратка пауза од реалноста. 😊
Вие и Вашата сестра Христина сте растеле во музичко семејство, а и двете продолживте професионално да се занимавате со музика – Вие со виолината, таа со пијаното. Како изгледаше вашето растење заедно? Дали музиката повеќе Ве зближуваше или понекогаш знаеше да создаде и здрава конкуренција меѓу две сестри?
Изборот на музиката за професионална определба кој си го избравме самоволно и двете, придонесе да преку споделување на се што се случуваше на целиот пат на музичка едукација додека бевме во Македонија, ние и двете имаме голем плус, односно многу учевме музика и една од друга, не само секоја од својот ментор по инструмент и другите ментори по предметите на кои се учи да се музицира. Ние си бевме цимерки во текот на престојот во Скопје, кадешто и двете завршивме средно музичко училиште, и музички студии на ФМУ. Јас никогаш не сум ја доживувала како конкуренција. Можеби тоа било така најпрво бидејќи и двата инструменти се многу различни, и школите и патот на изучување во поглед на менторство во земјава се доста различни за тие два инструменти, како и целиот музички амбиент. Можеби бидејќи од најмали нозе свиревме заедно, а јас секогаш посакував да таа биде што е можно побеспрекорна во нејзиното музицирање, оти во заедничкото свирење, камерното музицирање, како свири едниот и те како го засега и другиот! Себично или не од моја страна, многу ми значела и ја сакам музиката, и затоа многу се радувам кога луѓето со кои сум на сцена музицираат што е можно поубаво. А кога зборуваме за зближувањето, мислам дека единствено љубовта е таа која зближува.

Софија со сестра и Христина на концерт по повод доделувањето на наградата 3-ти Ноември во Прилеп 

Уште многу млада заминувате од Прилеп и влегувате во сериозниот свет на професионалното музичко образование. Кога денес ќе се сетите на таа млада Софија, која рано го избрала овој пат, што мислите – колку тогаш бевте свесни колку многу работа и откажувања стојат зад животот на еден професионален музичар?
Таа млада Софија е истата денешна Софија која кога би се вратила назад, несомнено пак би го избрала тој пат. Навистина не можам да кажам дека во мојот живот постоеле откажувања заради музиката, заради патот на моето долго професионално музичко образование. Постоела работата, трудот, да, а јас од мали нозе сум воспитувана во амбиент во кој често се зборувало, а нон-стоп се демонстрирало на еден или на друг начин дека работата го краси човека. Ќе речам дека мојот пат до школата во Мадрид, а потоа и шестгодишниот престој таму беше исполнет со многу работа, за да не речам само работа, и на тоа да го сведам тоа што јас го правев таму. Но кога би рекла само работа, ве молам сфатете ме дека таа работа била мој живот, најубавото и најинтересното нешто кое сакав да го правам.
Потоа доаѓа Мадрид и шестгодишното школување кај Захар Брон. Тоа сигурно е период кој оставил голема трага во Вашиот живот. Што најмногу Ви донесоа тие години – како виолинистка, но и како човек?
Тој период од шест години беше најзначајниот период од моето целокупно музичко образование. Таму се научив на музика, и како техниката само да ми служи кон главната цел-музиката. Ми се смени односот кон инструментот, кон жиците, таму се научив како инструментот станува инструмент за пеење во раце. Моето слушање, моето музичко размислување добија нова димензија. Мојата интонација многу се подобри, звуко-произведувањето, пристапот кон секое едно врвно уметничко музичко дело, и ред други работи. Не самошто ми беа овозможувани редовни часови по виолина од мојот професор Захар и неговиот асистент, проф. Јури Волгин, туку и можност да се работи камерна музика кон тешко-достижни висини во однос на квалитетот, да се биде член на составите виолинско дуо, клавирско трио, гудачки квартет, клавирски квинтет, под менторството на врвни музичари, со огромно искуство и знаење во камерното музицирање, какошто беа професорите Хајме Мулер, Марта Гулијаш, Луис Давид Фернандес, Гунтер Пиклер. Никогаш не беше доволно добро, секогаш можеше да биде и подобро, секогаш можеше нешто да се промени, да се изработи поинаку, а најпрво да се преслуша во себеси, па да се рекреира музичката мисла. Од диригентите пак кои ги предводеа камерниот и симфонискиот оркестар на бројните концерти низ годините на мојот престој во школата, како Зубин Места, Андрас Шиф, Пабло Касадо, Гордан Николиќ, и многу други, врнеше знаење, вештина, врвна музичка замисла врз нас како пороен дожд.
Престојот во Мадрид како на човек ми донесе независност, слобода која дојде во пакет со огромна егзистенцијална одговорност, бидејќи таму моето семејство не беше со мене, бев сама, но љубовта кон нив ми ја даде целата потребна сила најпрво да сфатам што значам јас и тие, па така да го осетам цврсто тлото под нозете и да го осетам прекрасниот вкус на сува корка леб, да доживеам и да сфатам колку е важно човек да си го земе својот живот само во своите раце, да ја осети таа тежина, оти само грижејќи се за својот живот човек понатаму може да се грижи и за друг живот. После таквото приземјување, човек знае што значи денот, и ноќта, знае што значи храната, топлината… Да се заплива најдлабоко во реалноста. Почеток на возрасното доба. 😊

Софија со проф. Захар Брон и пијанистот Ланг Ланг на интернационалниот фестивал за класична музика “Interlaken Classics” во Швајцарија.

Кога работите со таков педагог, сигурно не се учи само како подобро да се свири виолината. Што е она што од Захар Брон и од годините во Мадрид и денес го носите со себе кога работите со Вашите ученици?
Кога Захар Брон ќе засвиреше на час после усното објаснување за некое место од делото, за да демонстрира, целата просторија се претвораше во музика. Ако ја замислуваме визуелно музиката како нешто живо, јас би рекла дека тоа е река, бидејќи освен мелодијата, ритамот е една од двете главни содржини на музиката. Музиката си го живее својот живот, таа тече како река, таа никогаш не е статична, мртва. Епа мојот професор е таков израз. Тој кога свири, посебно кога покажува на своите ученици, чиниш столиците, масата, пијаното, уметничките слики во просторијата почнуваат да се движат. Ако пробам најразбирливо да го дефинирам тоа, би рекла дека досега не сум слушнала музичар кој подобро владее, менаџира со музичкото време. Неговото музичко пулсирање е просто прекрасно. Таквото нешто на ниедна снимка не може да се доживее, ниту да се осознае, туку само во живо. Верувам дека сите негови студенти ја познаваат таа негова уметничка големина и се среќни добитници на можноста за негови часови по музика. Од Захар Брон се учи музика. Тој е жива музичка легенда.
Зад Вас се бројни настапи, натпревари, награди и концерти на различни сцени. Во еден момент човек престанува да ја мери кариерата само со награди. Што денес за Вас значи еден навистина добар настап – кога знаете дека сте направиле нешто добро со музиката?
За сцената има толку многу да се зборува…Од мали нозе сцената ми предизвикуваше трема, возбуда, стравовите излегуваа пред свирење, но и во текот на свирењето. Но бидејќи вежбав, бев секогаш максимално подготвена за настап, таа поинаква состојба на целото мое тело, на срцето, на умот, која концертните настапи ја предизвикуваа кај мене, не влијаеше многу негативно на квалитетот на изведбата. Поучувана за тоа од мојот професор од Битола Ванчо Стоилков, кој убедливо изјавуваше дека тремата е изговор за неспремност, работев многу за да борејќи се со сопствените стравови и несигурности, музиката сепак биде отсвирена на најдобар можен начин. Професорот Олег тоа подоцна ми го имаше објаснето во проценти – тој ми велеше дека 200% треба да сум спремна, за во случај тремата и премногу лошо да повлијае, барем 100% од квалитетот на изведбата да останат. Верувам дека спремноста која ја носи сигурноста е клучот за добри настапи во текот на целото музичко образование. Но, кога тоа се ќе заврши….Што е сцената после тоа, после концертните настапи по повод аудициите, натпреварите, испитите, колоквиумите за оценки, завршните концерти на семинари под раководство на врвни авторитети. Што е сцената после сето тоа?
Кога прв пат се свртив кон себе со овие прашања, се случи да присуствувам на еден џез-концерт во Прилеп, кадешто гостин беше нашиот врвен џез-музичар, гитарист и композитор, професорот Антонио Китановски, човекот кој своевремено како Декан на Музичката академија во Штип ми овозможи шест години да работам со студентите по виолина, камерна музика, методика на настава, кадешто имав шанса да ги споделувам моите знаења, на моја огромна радост. Да се вратам на концертот….Одговорот во себеси го добив кога ги видов тие опуштени дечки, облечени во свое најсекојдневно но баш оригинално и разубавено издание, како насмеани, расположени се спремаат да се фотографираат на сцена. Замислете, тие пред концерт си направија фотки, кои ние класичарите си ги правиме после концерт! Се сеќавам дека си се насмевнав гледајќи ја таа сцена, и така ми се потврди тоа што тој период од животот започнав да го осознавам и да ми се случува. Концертот им беше супер оти тие уживаа свирејќи, оти тие свиреа (најпрво) за себеси, за своја радост, а не за другите. Кога човек е радосен, исполнет во своето срце, тоа се споделува, тогаш човек има што да подари. 😊
Како се менува човекот на сцената низ годините? Дали денес пред концерт чувствувате исто што чувствувавте кога бевте млада виолинистка или со искуството доаѓа и една поинаква сигурност, но и поинаква одговорност кон публиката и музиката?
Многуте концертни настапи, искуството како музички педагог, односно искуството кога ќе се најде човек од другата страна на училишната клупа, и животното искуство, реализацијата и на другите полиња во животот, ја претвора сцената во еден многу поинаков простор. Денес пред настап, а и во текот на настапот возбудата постои, но повеќе би ја нарекла радост, бидејќи тој немир кој го има во поимањето на возбудата, кај мене веќе и го нема. Можам да излезам на сцената носејќи мир во себе. Одговорноста секако дека постои, и ќе постои и понатаму кон секоја моја дејност, оти сметам дека секоја една работа треба добро да се сработи, добро да се заврши.

Софија со пијанистот Александар Сердар, со кој настапивме на отворањето на интернационалниот натпревар “Охридски Бисери” во Охрид, а воедно таму двајцата беа и членови на стручното жири, едниот за виолинистите, другиот за пијанистите.

Покрај концертната работа, сè поголем дел од Вашиот професионален пат е поврзан со педагогијата и со работата со млади музичари. Што се случува кога од оној што учи и бара знаење станувате човекот од кого некој друг го очекува тоа знаење?
Се радувам на секоја една можност да споделам мое знаење и искуство. Некои од вистините, од знаењата сум ги стекнала после релативно долго и макотрпно трагање низ вежбањето, учењето кај врвни виолински педагози. И затоа многу се радувам и сакам да помогнам за да времето на младите таленти поминато во трагање, исправање на лоши навики во свирењето, се скрати, па така се полесно и побрзо би им се отворило уметничкото поглавје на патот на музиката.
Денес работите со млади музичари и го пренесувате искуството што сте го стекнувале со години, во различни средини и со различни педагози. Што е најтешко да му се пренесе на еден млад виолинист – техниката, дисциплината, музикалноста или љубовта кон инструментот?
Па мислам дека досега најтешко е да ги убедам во дисциплината, односно да ги убедам секој ден да вежбаат на виолината. За тоа колку, оставам на нив, бидејќи по мое да постои секојдневната практика е далеку поважно од тоа колку таа трае во денот. Но, секој човек е приказна за себе. Кај помалите, лошите влијанија, односно одвлекување на вниманието од нешто што значи добро за детето-учење, читање, цртање, свирење, спорт, прошетки во природа, се малите и големи екрани. Кај поголемите, додека работев на Музичката академија во Штип, искушенијата беа нивниот немир кон нивната иднина, перспективите за решавање на нивните егзистенцијални прашања. Завлечени од можностите да заработат релативно многу за кратко време, студентите како полнолетни лица кои влегуваат со едната нога во светот на возрасните, често почнуваат да работат, што не е лошо само по себе. Но, ставено во контекстот-ако сакаат да го завршат своето високо музичко образование, мора да се посветат баш во тој период од животот со многучасовно дневно внимание кон инструментот, кон музиката, оти баш тогаш не е само една завршница на музичкиот образовен пат, туку тогаш се случува најголемата работилница во која студентот со највисоко ниво на свест и на знаења дотогаш, ја има силата и младоста да учи, да се труди, да работи на себеси, односно на она со што тој сака професионално да се занимава во целиот свој живот.
Како професор, дали кај младите музичари денес препознавате нешто поинакво од времето кога Вие почнувавте? Технологијата и достапноста до музика им отворија многу можности, но дали нешто и им одзема – можеби трпението, концентрацијата или времето потребно за вистински да се изгради еден музичар?
Трпението кај моите ученици се разликува од ученик до ученик, а истото е и со концентрацијата. Така било, и така и ќе биде и понатаму, оти сите сме различни, и сите сме на различна точка на патот, ако гледаме од перспектива дека еден е патот. Технологијата ни отвора на сите многу можности, но прашањето е дали ние застануваме над сето тоа, дали ние ја имаме контролата врз себеси и ние ја користиме технологијата за добри, позитивни цели, или “таа” не искористува нас да речам, односно сме заспале и сме навлегле во комфор-зоната од каде назадуваме во секоја смисла со помош на истата таа толку извикана технологија. Периодов во контакт со многу дечиња, со моите ученици од музичкото во Битола, наидов на некои од нив кои за жал поминувале многу време во текот на денот играјќи некои мрежни игри на мобилните, и на веќе познатиот „тик-ток“. Има разлика во времетраењето на нивното внимание и концентрација, во нивното трпение, смиреност и желба да направат нешто, нешто да креираат. Има разлика во интересот за реалноста, има разлика во нивните очи. Најпрво помислив, а потоа и во разговор со колегите искажав дека би сакала да нема видео-игри на нашиов свет, да се забранат, да ги снема како вид. И децата повторно да почнат многу да ги сакаат сликовници, книгите, блоковите за цртање, и да ни бараат прошетки во природа, па да зборуваме за птиците, дрвјата, ѕвездите навечер и облаците дење…

Содија со пијанистката Анастасија Грговска на концерт насловен “Бах Зографски” во камерната сала на Македонската филхармонија во Скопје

Неодамна настапивте во Прилеп со Елена Ѓоргиевска во концертот „Гласилки“. После сите сцени на кои сте настапувале, што значи за Вас да свирите повторно пред прилепската публика? Дали родниот град носи поинакво чувство кога ќе ја земете виолината?
Убаво ми е кога свирам дома, во Прилеп, сакам да сум на сцената од која почна се-настапите на годишните и новогодишните концерти во организација на основното музичко училипте, кои се реализираа во Домот на културата и во театарот. Кога застанувам да свирам на концерт во Прилеп, најочевидно ми е колку и како сум се променила од последниот концертен настап дома. Скоро сите спремни музички програми ги имам отсвирувано и во Прилеп, и се надевам така ќе биде и понатаму.
Во последниот период Вашиот живот доби уште една голема димензија – станавте мајка на две деца. Како мајчинството го промени Вашиот однос кон времето, работата, сцената и можеби самата музика? Дали денес поинаку го доживувате балансот меѓу професионалниот и личниот живот?
Знаете како, сега веќе сите карти се отворија. Убави се картите. 😊 Полека-полека мојот однос кон се се моделира, бидејќи ништо не е повеќе исто-ни времето, ни работата, ни сцената, ни музиката, ниту пак Небото е исто. Слава Му на Бога за тоа.
Кога ќе го погледнете целиот пат – од девојчето од Прилеп кое почнува со виолината, преку Скопје и Мадрид, големите сцени и педагошката работа, до денешниот живот во кој сте и мајка – што е она што останало исто кај Софија? Што сè уште Ве тера да ја земете виолината и да свирите?
Приоритетите во животот се менуваат. Виолината цел живот си наоѓа „изговори“ да биде покрај мене. 😉 Сега сум многу помалку со виолината во раце, и ми е чудесно колку малку време поминувам во добра подготовка на еден концерт, за разлика од порано. Сега, за разлика од порано, кога ќе ги затрзам жиците со гудалото, јас свирам, дури и кога вежбам.
Кога ќе погледнете напред, што следува за Софија Никоска Маџароска? На што во периодот што доаѓа сакате да му посветите најмногу внимание – на концертната сцена, педагошката работа, нови соработки или можеби на нешто што досега не сте го направиле?
Сакам колку што е можно од моето време да го посветам на семејството, додека на работа, учениците од државното музичко училиште се моја музика и сцена. 😊 Се надевам и на концертна активност, и студиски изведби на убави солистички делници, или делници од областа на камерната музика. Соработки со добри луѓе пред се, луѓе кои ја сакаат музиката, ја сакаат работата, трудот, и ги ценат вистинските, трајните вредности.


Сподели на социјалните мрежи