Камената бина во Прилеп синоќа беше исполнета со звуците на рок-музиката, каде прилепскиот бенд Strange Cousins приреди впечатлив концерт во рамките на летната културна програма „Од 0 до култура“, во организација на Општина Прилеп.
Со енергична изведба и препознатлив сценски настап, членовите на бендот ја освоија публиката, а централно место во програмата имаше музичката посвета на легендарниот Џими Хендрикс – еден од највлијателните рок-музичари и гитаристи на сите времиња. Присутните уживаа во изведбите на неговите безвременски хитови, меѓу кои „Voodoo Child“, „Purple Haze“ и „All Along the Watchtower“, како и во останатиот репертоар што го изведе бендот.
Strange Cousins, кој претставува продолжение на проектот Voodoo Blokes, уште еднаш покажа дека прилепската рок-сцена има музичари со квалитет, енергија и автентичен израз. Бендот настапи во состав:
• Илија Чакароски – гитара и вокал,
• Дамјан Ристески – тапани и вокал,
• Филип Ристески – бас гитара и вокал.
Концертот привлече бројни љубители на рок-музиката, кои уживаа во одличната атмосфера и во секоја изведба на бендот. Настанот уште еднаш потврди дека прилепската публика знае да ги препознае и поддржи домашните музички состави, особено кога тие нудат квалитетна рок-свирка и искрена музичка енергија.
Вечерта беше уште една потврда дека Прилеп располага со квалитетни музичари и бендови кои заслужуваат внимание и поддршка, а интересот на публиката покажа дека рок-музиката и понатаму има свое значајно место на културната сцена во градот.
Концертот беше дел од програмата „Од 0 до култура“, која и ова лето секој четврток носи разновидни музички содржини на Камената бина, збогатувајќи ја културната понуда во Прилеп.



















