Речиси две децении посветеност на музиката, бројни настапи, средби со публиката и љубов кон рок звукот стојат зад името The Hounds. Бендот од Прилеп оваа година одбележува 18 години од своето постоење – период исполнет со создавање, настапи и моменти кои ја градат нивната музичка приказна.
По повод овој значаен јубилеј, Клуб Деница разговараше со The Hounds за почетоците на бендот, патот изминат во овие 18 години, најзначајните моменти, односот со публиката и плановите за периодот што следува.
The Hounds одбележува 18 години постоење. Кога ќе се навратите на почетоците, како ја паметите првата година од работата на бендот и што е она што најмногу се променило од тогаш до денес
Првата година ја паметиме по тоа што имавме само еден настап, никој не не викна после тоа хахаха… Но, тоа апсолутно не не обесхрабри, иако не свиревме по клубови и фестивали – проби правевме секој ден, без исклучок. За вориот дел од прашањето, многу работи се променети, за почеток еве свириме секаде, во секое место во Македонија, веројатно променети сме и ние, променета е и сцената и публиката, но едно е константа – желбата и жарот за рокенрол горат посилно од кога и да е.
Зад овие 18 години стојат многу проби, настапи и средби со публиката. Со кои бројки би ја раскажале приказната на The Hounds – број на настапи, авторски песни, албуми, концерти или други значајни проекти?
Над 2000 настапи, два студиски албуми, неколку синглови, континуирана работа на нови проекти и материјали, премногу неиздадени демовци и ве уверувам – творечки плодна иднина што и тоа како ветува многу.
Кои настапи, фестивали или моменти од изминатите 18 години ви останаа најмногу во сеќавање? Посебно место имаат настапите пред прилепската публика – од фестивали и градски манифестации до традиционалниот концерт кој со години го одржувате пред локалот „Калинка“ во Старата прилепска чаршија. Како се создаде таа традиција и што значи за вас?
Ова сме го одговорале во повеќе наврати. Хаундс имаат љубов кон секоја публика и секој проект што го работат, без разлика дали е клупска свирка, концерт, промоција или што и да е, но дефинитивно најдраг настан за нас е годишниот роденденски концерт. Тој настан или традиција како што ја нарекувате се случи спонтано, всушност после еден наш пост на социјалните мрежи каде што објавивме дека славиме 2 или 3 години постоење – нашата публика на вечерниот настап во тогашен кафич Вирус ни донесе роденденска торта. Имаше некоја голема љубов и силна енергија таа вечер, и одлучивме во тој период од годината, средина на август секогаш во среда да славиме на тој начин.


Во текот на овие години, дали составот на The Hounds остана ист или имало промени во членовите? Како влијаеше тоа врз развојот на бендот и неговиот звук? Доколку сте истиот состав од почетоците, што значи да се одржи таа заедничка енергија толку години?
Истиот состав сме, истите 4ца, нема никакви промени или замени, сме соработувале со голем број колеги и гости, но секогаш ние сме константа. Звукот на бендот и сеопштиот развој доаѓа со годините, приоритетите се различни. Еве од творечки аспект, генерално нашите текстови се со социјална тематика, но ако пред 15 години сме бркале публика, сега пристапот ни е поинаков сега кажуваме тоа што сакаме да го кажеме, без условно кажано прекумерен флерт со слушателите, без разлика дали ќе им се допадне на пошироката јавност, не ме сфајќајте погрешно, топ ако песните ги сакаат сите – но мора прво нам да ни се допаднат онака 100%, без двоумење.
Што значи за еден бенд да опстане речиси две децении во време кога музичката сцена постојано се менува? Што е она што ве држи заедно и ве мотивира да продолжите?
Не одржува љубовта животот, кон музиката и уметноста генерално. Сакаме да го живееме овој живот, немаме друга опција, а искрено не ни бараме. Повторувам на секое наредно интервју, преблагодарни сме на публиката што ни дозволува сонот да трае.
По 18 години рок приказна, што следно подготвува The Hounds? Дали публиката може да очекува нова музика, настапи или некој посебен проект?
Апсолутно. И нова музика и настапи кои веќе се потврдени до крајот на годината, а работиме и на посебен проект кој што ќе биде откриен за многу кратко време.

















