СТАР ЧОВЕК И ЅИДОВИТЕ ГО НЕЈЌАТ, Јасмина Волческа

Сподели на социјалните мрежи

СТАР ЧОВЕК И ЅИДОВИТЕ ГО НЕЈЌАТ

Стуткан во аголот, чека да чуе глас.Тишина, морничава. Секундата чиниш, како час врви. Од едно вдишување до следното, минува цела вечност. И тогаш доаѓа ненајавено, таа упорна здодевна кашлица. Почнува сиот да се тресе, кашла ли кашла. Лицето му се вцрвенува како божем крвта се обидува да се пробие низ кожата, распрснувајќи се наоколу. Долга и тешка борба е тоа, борба за опстанок. Да му се плукнам на таквиот живот, ама кога ќе ти дојде смртта на врата ќе се бориш, со нокти ќе гребеш. Само да потрае уште малку.
Штом успеа да дојде до здив, ги избриша солзите кои сами течат од мака, борејќи се за здив. Извојувана е уште една победа на животот наспроти смртта. Таа неизлечива болест, која сите ќе нé стигне.
Со тешка мака се исправи, игнорирајќи ја вртоглавицата, мракот што паѓа пред очи. Постоја малку и кроце – покроце, се приближи до иконата во долапчето. Свеќата гореше, со својот треперлив пламен му ја смири душата, топејќи се. Потсетувајќи нé колку брзо се истрошува човечкото тело. Како и оревот во дворот, кој и зиме и лете, ветер и дожд, сé истрпи. Стои немо, и трпи студ, суша, град. А кога луѓето веќе немаат корист од него, го сечат исушеното стебло. За да си стоплат душа во долгите зимски ноќи. Кога цепениците ќе изгорат, ќе снема секаква трага од него. Како да не постоело. Додека било високо, стројно полно со ореви, луѓето му се радувале. На пепелта, кој се сеќава!?
Со грубите испукани раце, направи крст и тешко воздивна. Барем да дојдеа. Да ме посетеа, ај можеби другата недела. Вдиша длабоко…ихх, пуста старост, се прекори. Колку и да се капеш, не можеш да ја одмиеш. Мириса, на старо, дотраено…
Седна на столчето, скрши од лебот сув и го стави во уста. Повторно се закашла, ниту има заби да џвака, ниту плунка да го омекне лебот. Со трепетлива рака посегна по стомната со вода…а таа празна. Повторно почна битката за воздух. Овојпат солзите не капеа од мака, од неподносливата кашлица. Туку од длабоката тага, осаменоста која толку силно се закачила во срцето, како некој крлеж и не пушта. Болката во грлото не се издржува. Лицето пак ја почувствува врелината на солзите, кои за миг ги омекнаа тврдокорните брчки на неговото лице.
Толку беше тивко во собата, што кога солзата капна на правливиот под, се чу тресок. Уморен од болката , престана да се бори, ѝ се предаде. Смртта стоејќи над него си помисли :
-Доста беше страдање.

…Неговите деца, тажеа што тажеа, на крај само што не се испоколеа. Зошто во вреќата на едниот да има две-три оревчиња повеќе од другиот.

Јасмина Волческа


Сподели на социјалните мрежи