НОВА ФЕСТИВАЛСКА ПРИКАЗНА ВО ПРИЛЕП – ИНТЕРВЈУ СО М-Р ГОРАН ВАСИЛЕСКИ ЗА МЕЃУНАРОДНИОТ ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ „ИТАР ПЕЈО“

Сподели на социјалните мрежи

Прилеп доби нов културен настан кој има амбиција да прерасне во препознатлива традиција – Меѓународниот фолклорен фестивал „Итар Пејо“. Зад оваа идеја стои КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп, а еден од организаторите на фестивалот е и м-р Горан Василески, кој воедно е и претседател на друштвото.
Со Горан Василески и претходно сме разговарале во „Клуб Денница“ за активностите и успесите на КУД „Мирче Ацев“, а овојпат поводот е создавањето на еден нов фестивал кој ќе ги обедини фолклорот, народните обичаи, културното наследство, хуморот, сатирата и духот на Прилеп преку ликот на Итар Пејо.
Во продолжение разговараме за идејата, подготовките и визијата за оваа нова културна манифестација.

Горан, Прилеп доби нов меѓународен фестивал. Од каде произлезе идејата за организирање на фестивалот „Итар Пејо“?
Меѓу членовите на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп, долго време тлееше желбата да организираме меѓународен фестивал, каде ќе можеме да ги поканиме нашите соработници и пријатели од другите држави каде одиме и ние. Често се случуваше кога ќе појдеме на некој фестивал во странство, домаќините да изразат желба да дојдат во нашиот град на фолклорен фестивал, но нажалост ние немаме фестивали во нашиот град од овој тип. Тука ни е реномираниот фестивал „Пеце Атанасовски“ кој има долга традиција и навистина е единствен од таков карактер во целата држава, каде сум исто така претседател на управниот одбор, но е фестивал само за народни инструменти и песни и по статут не опфаќаме народните игри и танци, посебно не стилизиран фолклор. Во Прилеп недостига фестивал кој ќе ги презентира како традиционалните, така и стилизираните игри и песни, првенствено од Македонија, но и од другите земји од светот.

Зошто токму Итар Пејо? Колку овој лик е значаен за Прилеп и што симболизира неговото име во концептот на фестивалот?
Долго време размислувавме за името на фестивалот. Сакавме името да биде на некој значаен прилепски лик, кој е во делот на фолклорната традиција, но истовремено да не биде лик кој веќе има нешто за него. Марко Цепенков е Центарот за Култура, Пеце Атанасовски е доајенот кој го оснивал и неговото име го носи добро познатиот прилепски и долненски фестивал. Одлучивме тоа да биде легендниот лик од приказните кој е по потекло од овие краеви т.е. од Мариово, а е познат по своите истроштини ширум целиот Балкан. Тој е всушност дел од нашата фолклорна традиција т.е. многу негови приказни, досетки, итроштини и денес се кажуваат во секојдневието, сето тоа претставува фолклор, не е фолклор само играњето и пеењето. На почетокот имавме критика зошто Итар Пејо кога тој е од Мариово, а не од Прилеп. Но, Мариово, иако е предел богат со преубава природа, нажалост е раселен предел и има малку жители. Но, најголем дел од поранешните жители на Мариово се токму во Прилеп, а во приказните на Итар Пејо често се спомнува и Прилеп и прилепчани како шегобијци, а и е единствен град во Македонија кој има споменик на овој лик. Предност ни е што никаде во Македонија не постои ниту фестивал, ниту споменик, ниту здружение кое го носи неговото име. А мислам дека вреди да се експонира тоа.

    КУД „Мирче Ацев“ е организатор на фестивалот. Кој друг е дел од фестивалот и колку имате поткрепа?

    Како ко-организатори на фестивалот е и НУ Центар за култура „Марко Цепенков“, како и ЛС при Општина Прилеп. Ја имаме нивната потполна поткрепа, во голем дел од припремите за фестивалот ни помагаат, како финансиски, така и технички, но сепак организацискиот дел е на членовите на КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп. Исто така, имаме и финансиска поткрепа од голем број на спонзори од прилепските фирми и компании, а како главен покровител ни е А.Д. Прилепска Пиварница, но имеме и уште околу 25 други спонзори кои навистина доста ни помогнаа финансиски за успешно да го реализираме фестивалот и да го претставиме градот пред странските гости како што доликува. Во оваа прилика не би можел да ги набројам сите, несакам да заборавам да споменам некој бидејќи навистина сите се значајни.

    Фестивалот е замислен како спој на фолклор, обичаи, културно наследство, хумор и сатира. Колку е важно денес фолклорот да се претставува на еден современ и поинаков начин?

    Токму така, бидејќи Итар Пејо е фолклорен и легенден лик од приказните, одлучивме сѐ што спаѓа под фолклор да биде тема на обработка на фестивалот. Покрај културно уметничките друштва со своите игри и песни, ќе имаме и дел каде ќе се експонира хуморот и сатирата, презентација на обичаите, како и едукативен дел во кој ќе бидат вклучени дечиња кои ќе имаат интересна едукативна работилница на Магилата во саботата на 15 Август.

    Колку држави и ансамбли ќе учествуваат на првото издание и што ќе можат да видат прилепчани во текот на фестивалските денови?

    Како фестивал кој се одганизира за прв пат сакавме да поканиме барем 4-5 фолклорни ансамбли од странски држави, но имајќи ги во предвид финансиите, можевме да поканиме гости од 2 држави т.е. од Полска и од Словачка. Имавме и гости од Србија, који поради технички причини мораа да ни откажат. Исто така имаме и 4 друштва од државава, тоа се КУД „Илинден“ од Струга, ФА „Тиквеш“ од Кавадарци, КУД „Илинден“ од Демир Хисар и КУД „Илинден“ од Кривогаштани. Секако имаме и учесници од Прилеп, тоа се здружението „Преродба“ кои се задолжени за хумористичниот дел, а секако настап ќе имаат и нашите членови од КУД „Мирче Ацев“ Прилеп.

    Настапите ќе се одржуваат на повеќе локации низ Прилеп. Дали целта е фестивалската атмосфера да ја почувствува целиот град?

    Првата фестивалска вечер, во петок на 14 Август, ќе биде пред платото на чешмата каде е споменикот на Итар Пејо. Пред да започне фестивалската вечер ќе имаме дефиле со сите учесници, кое ќе се движи од НУЦК Марко Цепенков, низ плоштарот и старата прилепска чаршија, до платото пред Итар Пејо. Додека, втората фестивалска вечер, во сабота на 15 Август, ќе биде во големата сала во Марко Цепенков каде планираме да биде погламурозен настан, а очекуваме и голем број на посетители. И двата настани започнуваат во 19 часот.

    Освен фолклорните настапи, најавувате и содржини со хумор и сатира. Што може да очекува публиката?

    Во овие два фестивалски дена учесници ќе ни бидат членките од здружението „Преродба“ од Прилеп кои преку кратки драмски точки т.е. хуморески ќе се потрудат да ја насмеат публиката и да го прикажат прилепското фолклорно минато преку хумор и сатира. Но, како главен и одговорен за смеата во овие два дена ни е ликот на Итар Пејо кој ќе го толкува, кој друг ако не нашиот познат глумец од прилепскиот театар, Игор Трпчески.

    Организацијата на еден меѓународен фестивал сигурно не е едноставна. Со какви предизвици се соочивте при подготовките?

    Неколку години наназад пробувавме да аплицираме во Министерството за култура и туризам, но не добивавме средства. Два пати како КУД Мирче Ацев – Прилеп и еднаш како апликант беше и НУЦК Марко Цепенков, но немаше резултати. Незнаеме зошто комисиите одлучуваа да не ја поддржат идејата. Оваа година решивме сами да го организираме настанот, како би докажале дека навистина вреди да се започне да се резлизира еден ваков фестивал во Прилеп, за еден лик кој никој досега се нема досетено да го издигне. Како урнек ни е градот Кемер во Турција, кој буквално цел град живее во ликот на Настрадин Оџа, сопарникот на Итар Пејо. Разни фестивали, туристички атракции, музеи и што уште не, се посветени токму на Настрадин Оџа. Зошто ние да не го искористиме тоа во ликот на Итар Пејо и Прилеп да биде препознатлив, покрај другите работи, и по Итар Пејо. Сам да се организира фестивал од ваков тип е навистина тешко без поткрепа од државата. Сепак огромна благодарност до покровителите, ко-организаторите, спонзорите и соработниците кои несебично ја поддржуваат идејата и се надеваме дека успешно ќе се реализира првиот фестивал со надеж дека од следната година ќе биде под покровителство на министерството.

    Какви се вашите очекувања од првото издание? Што ќе значи за вас ако фестивалот стане традиционален?
    Уште од самиот старт идејата е фестивалот да се одржува долги години и да биде уште еден препознатлив бренд за Прилеп. Сѐ зависи од добрата воља на организаторите, но и од финансиската потпкрепа на институционално ниво. Можам да кажам дека оваа година е одлучувачка т.е. идните изданија зависат од тоа како ќе ја реализираме оваа година. Ако оставиме добар впечаток кај публиката и учесниците, ќе има интерес за уште многу изданија. Затоа сакаме оваа година да биде беспрекорно организирана.

    Дали веќе размислувате за идните изданија и каква е вашата долгорочна визија за фестивалот „Итар Пејо“?
    Веќе имаме барања и покани за учество за следната година од странски групи. Тие сакаа да бидат дел и од ова издание, но неможевме да ги примиме, како од финансиски, така и технички причини. Следната година планираме повеќе учесници, да ги прошириме пропратните манифестации на фестивалот, како едукативни работилници, изложби, предавања, повеќе странски групи пред кои ќе ги претставиме убавините на Прилеп, но можеби и проширување на времетраењето на фестивалот, можеби 3, 4, па и една седмица градот Прилеп да живее во духот на Итар Пејо.

    За крај, која е вашата покана до прилепчани и до сите љубители на фолклорот и македонската традиција да бидат дел од оваа нова фестивалска приказна?
    Токму така, сите љубители на фолклорот и традицијата ги поканувам од мое лично име и од име на сите организатори, да дојдат на 14 Август пред платото на Игар Пејо и 15 Август во големата сала на Марко Цепенков, двата дена со почеток од 19 часот и да уживаат во она што ќе им го приредат учесниците, испреплетено со многу ора, песни, хумор и сатира.


    Сподели на социјалните мрежи