Поетскиот перформанс „Љубење со стихови“ по осми пат ќе се одржи пред прилепската публика. На 3 септември, четврток, со почеток во 20 часот, на платото пред Градскиот саат ќе се одржи новото издание, зад кое стојат поетите Филип Димкоски и Лина Димоска.
Во рамки на вечерта, Димкоски и Димоска ќе читаат своја поезија, но и стихови од македонски поети од повеќе генерации. На програмата се застапени Кочо Рацин, Блаже Конески, Светлана Христова Јоциќ, Анте Поповски, Славко Јаневски, Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај, Јован Котески, Петре М. Андреевски, Трајан Петровски, Тихомир Јанчовски и Вања Изова Велева.
„Љубење со стихови“ е замислен како настан во кој стиховите се интерпретираат пред публика, а идејата за неговото создавање потекнува од желбата на Димкоски и Димоска поезијата и нејзиното сценско изведување да добијат повеќе простор на домашната уметничка сцена.
– Поезијата, а особено нејзиното сценско изведување, малку и ретко е застапена на домашната уметничка сцена. Тој факт, како и нашата страст кон јавното интерпретирање на стиховите беше иницијална каписла за создавањето на „Љубење со стихови“. Секое ново издание за нас е предизвик, одговорност, но и радост заради позитивната повратна реакција од публиката – велат поетите.
Настанот е во организација на Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ – Прилеп, а се реализира со поддршка од Општина Прилеп и кафулињата „Чоше“ и „Носталгија“.

















