Научната соработничка од Институтот за старословенска култура – Прилеп учествуваше на седмото издание на школата посветена на културното наследство на Мала Река и поширокиот дебарско-мијачки регион.
М-р Катерина Росикопулос, вработена во НУ Институт за старословенска култура – Прилеп, учествуваше на седмото издание на Малореканската летна школа „По патеките на Дичо Зограф“, организирана од Истражувачкиот центар за културно наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Школата се одржа од 30 август до 4 септември 2026 година во Бигорскиот манастир, а овогодишното издание беше посветено на Петре Р. Коловски (1931–2025), последниот зограф од старото поколение на дебарско-мијачките зографи.
Во рамките на програмата, учесниците ги презентираа своите научни истражувања, а беа реализирани и теренски посети на цркви и манастири во Мавровскиот, Дебарскиот и Малореканскиот регион. На тој начин, научната работа беше дополнета со непосредно запознавање со сакралното културно наследство на овие простори.
М-р Росикопулос на школата го презентираше научниот труд „Неколку примери на зооморфните елементи во иконографијата на св. Христофор Кинокефал во живописот на Македонија од 19 век“, посветен на специфичните иконографски претстави на свети Христофор Кинокефал во македонскиот живопис од XИX век.
Учеството на м-р Катерина Росикопулос на вакви стручни и научни собири е значајно не само за размената на научни сознанија, туку и за афирмацијата на истражувањата поврзани со македонското културно и духовно наследство.
Седмата Малореканска летна школа уште еднаш го потврди значењето на континуираното истражување, документирање и проучување на богатото наследство на македонските цркви и манастири.



















