Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 11 септември (петок) ќе биде отворена изложбата „Линија, форма и простор“ на академскиот уметник Филип Перески.
Изложбата го претставува ликовното истражување на Перески насочено кон можностите на линијата, формата и просторот, како основни елементи преку кои тој го гради својот препознатлив ликовен израз. Во неговите дела линијата не е само цртеж или трага врз површината, туку станува активен елемент кој го определува движењето, ритамот и односите во композицијата.
Во сликарството, Перески користи спонтани и искривени линии кои асоцираат на органски и динамични облици. Апстрактно-асоцијативните композиции се градат преку слободна игра на линијата и бојата, нивните контрасти и градации, создавајќи чувство на движење, густина и просторна длабочина.
Линијата своето продолжение го наоѓа и во неговата скулптура, каде што е искривена и раскршена во минималистички геометриски форми, со комбинирање на полната маса и празниот простор. На тој начин, авторот ја ослободува формата од геометриската строгост и создава апстрактно-асоцијативен визуелен јазик.
„Преку репетиција на експресивните контрастни и збиени линии, тој дополнително креира длабочина во асиметричните композиции“, истакнува м-р Викторија Димеска, историчар на уметност, во освртот кон творештвото на Перески.
Филип Перески е роден во 1990 година во Прилеп. Дипломирал во 2013 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Катедрата за ликовна педагогија, насока вајарство, во класата на професор Станко Павлески. Живее и работи во Прилеп како наставник по ликовно образование.
Перески зад себе има повеќе самостојни и групни изложби, меѓу кои и самостојните изложби „Фактурални завиткувања“ (2014), „Линеарно обликување“ (2023), „Линеарна Хармонија“ (2025) и „Линиски одрази“ (2025), како и бројни учества на групни изложби и ликовни колонии.
Изложбата „Линија, форма и простор“ ќе биде отворена на 11 септември 2026 година во 19 часот во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, а ќе може да се посети во наредните 14 дена.

















