Во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп вечерва, 22 септември 2026 година, со почеток во 19 часот, ќе се одржи промоција на публикацијата и истражувањето „Тишината меѓу нас“, посветени на менталното здравје и благосостојбата на мажите во Македонија.
Настанот го организира Здружението за унапредување на здравјето „Филип Лукароски“ – Прилеп, кое преку своите активности го насочува вниманието кон значењето на превенцијата, грижата за здравјето и надминувањето на стигмата поврзана со машкото ментално здравје.
Публикацијата „Тишината меѓу нас“ произлегува од истражување за менталното здравје и благосостојбата на мажите во земјава, а преку нејзината промоција се отвора простор за разговор за предизвиците со кои се соочуваат мажите и за темите за кои неретко се молчи.
Пораката на настанот е „Здрави мажи, посилни заедници“, со потсетување дека отворениот разговор и навремената грижа за менталното здравје се важен дел од целокупната благосостојба.
















