Кире Миладиноски – основач и кореограф на Танцовото студио „Зодијак“
„Зодијак“ во саботата гостуваше на Чивијашкиот карневал во Шабац. Како го доживеавте ова гостување?
Гостувањето во Шабац беше прекрасно искуство, пред сè затоа што карневалот има една посебна енергија. Тоа не е само сценски настап, туку вистински празник на движењето, музиката, костимите и заедништвото. За нас беше особено важно што имавме можност повторно да се претставиме во Шабац по трет пат. Кога излегуваат нашите танчари на сцена или на карневалската траса, тие не настапуваат само за себе. Тие го носат и името на „Зодијак“, го претставуваат градот Прилеп, ја претставуваат Македонија. Шабац има прекрасна енергија. Карневалот е жив, непосреден и непредвидлив – а токму таква треба да биде и уметноста. По самата реакција на публиката, за нашето претставување, сфаќаме дека целиот труд, пробите и подготовките имаат смисла.
Какви беа реакциите на публиката?
Реакциите беа навистина убави и многу непосредни. На ваквиот тип на настани публиката не е пасивен набљудувач. Тоа е една од најубавите работи кај карневалите – публиката е многу блиску до изведувачите и веднаш ја чувствувате нејзината енергија. Таа е дел од настанот. Реагира, аплаудира, се движи, комуницира со изведувачите. Нашите изведувачи ја почувствуваа таа атмосфера уште од самиот почеток. За еден млад изведувач тоа е огромно искуство, бидејќи учи дека сцената не завршува со завесата, ѕидот или со сценскиот простор. Сцената може да биде улица, плоштад, фестивал, локал – секаде каде што постои публика и желба да се сподели парче уметност. Тоа е и причината поради која се занимаваме со оваа професија.
По што се разликува карневалскиот настап од класичниот сценски настап?
Карневалот бара поинаков вид енергија. Во театар или концертна сала имате јасно дефиниран сценски простор, светло, звук и дистанца со публиката. На карневалот сè е многу подинамично и непосредно. Карневалот не ви дозволува да се скриете зад сцената. Публиката е околу вас. Секој поглед, секое движење и секоја реакција се гледа. За еден млад танчар/перформер тоа е огромна школа – да научи да биде присутен, сигурен и комуникативен. Танцувачот мора да комуницира со луѓето околу себе, да ја почувствува атмосферата и да ја задржи енергијата од првата до последната секунда.
Колку ваквите гостувања се важни за младите членови на „Зодијак“?
Многу. Јас секогаш велам дека образованието на еден танчар не се случува само во салата за проби. Патувањата, запознавањето со други ансамбли и поединци, гледањето различни пристапи кон танцот, комуникацијата со други млади луѓе и настапите пред нова публика се дел од уметничкото образование. Кога еден млад танчар ќе излезе од својата комфорна средина и ќе настапи во друга земја, тој стекнува самодоверба и искуство кое не може да се добие само преку редовна проба и образовен пристап.
„Зодијак“ веќе со години настапува надвор од Македонија. Што значи тоа за едно студио од Прилеп?
За мене тоа е доказ дека географијата не треба да биде ограничување за уметноста. Прилеп не е голем европски културен центар, но тоа не значи дека од Прилеп не може да се создава современа, квалитетна и препознатлива уметност. Нашата цел никогаш не била само да бидеме присутни на некој фестивал, карневал или настан. Сакам „Зодијак“ да биде препознатлив по својот уметнички јазик, по енергијата и по начинот на кој работиме со младите. Затоа што верувам дека големината на една уметничка идеја не зависи од големината на градот. Може да создавате современа уметност и од Прилеп. Можете да имате европски поглед, а да создавате од сопствената средина. И токму тоа се обидувам да го правам со „Зодијак“ – да создадеме нешто што има локален корен, но може да комуницира со публиката каде било.

Колку меѓународните искуства влијаат врз вашата работа како уметнички директор?
Секое патување, секој фестивал, средба и секоја соработка носат нешто ново. Во текот на годините имав можност да се едуцирам и да работам во различни европски средини, а „Зодијак“ имаше можност да се претставува на различни фестивали и сцени. Сето тоа природно влијае врз начинот на кој размислувам за танцот и за работата со младите.
Но, истовремено, важно е да не се изгуби сопствениот идентитет. Не сакам само да копираме нешто што го гледаме надвор. Сакам да земеме искуство, да го разбереме и потоа да создадеме нешто наше. Тоа е еден од најубавите моменти за еден уметнички директор. Јас своите ученици/членови не ги гледам само како танчари во сала-сцена, туку како млади луѓе кои растат пред моите очи. Кога ќе видите дете кое некогаш влегло во студиото несигурно, а години подоцна стои на меѓународна сцена и самоуверено настапува – тогаш знаете дека сте направиле нешто што има многу голема вредност.
Што мислите дека е најголемата сила на „Зодијак“?
Членовите-младата сила што допрва доаѓа се најголемата сила. „Зодијак“ не е само име, сала, костими или кореографии. „Зодијак“ се сите генерации танчари кои поминале низ студиото, нивната енергија, нивните приказни и сите луѓе кои со години веруваат во оваа работа. Особено ми е драго што низ студиото поминаа многу генерации. Некои продолжија професионално во уметноста, други избраа сосема различни професии, но верувам дека танцот оставил нешто во нив и секој од нив понесол убави спомени што траат вечно.
Што значи за вас лично тоа што како основач и уметнички директор повеќе од две децении ја градите оваа приказна?
Тоа е голема одговорност, но и голема радост. Кога започнав, имав една идеја и една голема желба – да создадам простор каде што танцот ќе биде сериозно третиран како уметност, а младите ќе имаат можност да учат, да создаваат и да настапуваат. Денес, кога гледам млади луѓе кои некогаш доаѓале како деца, а сега стојат на сцена со голема самодоверба, чувствувам дека таа идеја продолжува да живее. За мене „Зодијак“ отсекогаш бил простор за уметничко образование, истражување и создавање. Танцот е само почеток. Преку него децата и младите учат дисциплина, одговорност, тимска работа, самодоверба и, можеби најважно, учат да комуницираат без зборови.
Дали ваквите гостувања носат и нови можности за идни соработки?
Секако. Фестивалите и карневалите не се само место за настап. Тие се место за средби. Секогаш постои можност да запознаете некого, да размените идеи, да видите што работат другите и од една средба да се роди нова идна соработка. Мене ми е важно „Зодијак“ да продолжи да биде отворен кон регионот и кон Европа. Сакам нашите танчари да имаат можност да патуваат, да настапуваат, но и да учат од другите. Секое патување ми покажува нешто ново – како работат другите, како размислуваат, како создаваат. Но најважно е тоа искуство да не остане во куферот. Сакам да го донесам назад во Прилеп и да го претворам во нови идеи, нови проекти и нови можности за нашите членови.
По Шабац, што следува за „Зодијак“?
Продолжуваме со работа. Тоа е можеби наједноставниот одговор, но и најточниот. Ние не сакаме само да патуваме од фестивал до фестивал, од карневал до карневал,…. Сакаме да создаваме. Нè очекуваат нови проекти, нови кореографии, настапи и подготовки за следните гостувања. За мене е важно секој нов проект да биде чекор напред, а не само повторување на нешто што сме го направиле претходно. И мислам дека токму тоа е најубавата приказна на „Зодијак“ – да растеме од еден мал град, а да размислуваме со европски и светски хоризонти. Шабац ни покажа уште еднаш дека кога танцот е искрен, не му треба превод. Тој едноставно се чувствува.
А ако треба да кажам што е најважно од гостувањето во Шабац, би рекол: танцот повторно покажа дека не познава јазици и граници.
Кога на една улица, плоштад или сцена ќе се сретнат различни луѓе, јазици и култури, а сите разбираат ист ритам и исто движење – тогаш уметноста навистина ја исполнува својата најубава улога.
















