PRILEP JAZZ WEEKEND – 15 ГОДИНИ МЕЃУ МУЗИКАТА, ПУБЛИКАТА И ГРАДОТ

Сподели на социјалните мрежи

Една спонтана идеја и љубов кон музиката прераснаа во фестивал кој веќе 15 години е дел од културниот живот на Прилеп. Prilep Jazz Weekend годинава го одбележува јубилејот со 15-то издание, кое ќе се одржи од 1 до 3 октомври. Во разговорот за „Клуб Деница“, организаторите зборуваат за патот на фестивалот, публиката која растеше заедно со него, музичарите и пријателствата што останаа, предизвиците зад сцената, но и за идеите со кои гледаат кон иднината.
Што значи да се одржува една фестивалска идеја 15 години во ист град?
Prilep Jazz Weekend: Приказната започна сосема спонтано, но со голема страст и љубов кон музиката. Иницијативата за прилепски џез-фестивал како манифестација беше желба за збогатување на музичкиот живот во градот, еден обид за поинаков Прилеп.
Првичната идеја беше да му понудиме на Прилеп нешто различно, свежо и урбано. Сакавме да создадеме простор каде што квалитетната џез-музика ќе биде достапна за сите, на отворено, и каде што ќе се гради културна заедница.
Фестивалот со текот на годините стана препознатлив белег на градот. Во изминатите 15 години беше домаќин на врвни имиња од македонската, балканската и дел од европската џез-сцена и се позиционираше на картата на значајни музички манифестации во регионот.
Кога гледате наназад, што најмногу се менувало низ годините – самиот фестивал или луѓето околу него?
Prilep Jazz Weekend
: Prilep Jazz Weekend веќе 15 години го претставува најдоброто од современиот џез од Македонија и од регионот. Со текот на годините фестивалот растеше во секој поглед, носејќи врвни домашни и балкански имиња. Организациски станавме позрели и постабилни.
Но, најголемата промена се случи кај публиката – таа порасна заедно со фестивалот. Денес имаме публика со изграден вкус, која точно знае што да очекува и која со нетрпение го чека секое следно издание.
Дали денес прилепската публика го слуша фестивалот поинаку отколку на почетокот? И што ви кажува тоа за односот на градот кон џезот?
Prilep Jazz Weekend: Прилеп отсекогаш имал силен дух, отвореност кон уметноста и долга музичка традиција. Сметавме дека градот заслужува настан со висок културен стандард.
Фестивалот го презентира џезот пред прилепската публика со идеја за поинаков, урбан Прилеп и заложба за следење на вистинските светски културни вредности. На публиката ѝ понудивме слободна, пријатна и релаксирана атмосфера на отворено. Таа го препозна и го прифати фестивалот како свој.
Џезот одамна ја надмина дефиницијата дека е музика за изолиран круг слушатели. Преку нашиот концепт успеавме да го доближиме до сите генерации – од млади луѓе и студенти до повозрасни љубители на музиката. Луѓето сфатија дека џезот е слобода, импровизација и енергија што секој може да ја почувствува.


По 15 години, што останува зад една фестивалска вечер? Само сеќавањето на концертот или нешто повеќе?
Prilep Jazz Weekend: Секое издание носи своја магија и тешко е да се издвојат само одредени моменти. Посебно се паметат оние вечери кога сцената и публиката дишат како едно.
Во трајно сеќавање ни се настапите на Тони Китановски, Тавитјан Брадарс, Ади и Дамир Имери, Владимир Четкар, Влатко Стефановски, Светлост, Сетстет, Летечки пекинезери, Џенгис Ибрахим, Некст ту Сајленс, како и на Ејот, Фиш ин Оил, Рамбо Амадеус, Дисциплина Кичме, Милан Петрович, Кул де Сак, Васил Хаџиманов, Јуре Пукл, Салто, Теодосиј Спасов, Дине Донеф, Александар Петров и многу други.
Тие оставија трага со своите настапи во Прилеп, но и си заминаа со впечатоци од атмосферата на фестивалот. Посебно ни е драго кога и години подоцна ќе видиме преку социјалните мрежи дека некој од артистите настапува низ светот во маичка од Прилеп Јазз Wеекенд. Тоа е признание без цена.
На фестивалот се родија многу пријателства и соработки, а тоа е нешто што останува и по завршувањето на концертите.
Колку од работата на еден фестивал всушност се случува надвор од сцената и што публиката најчесто не го гледа?
Prilep Jazz Weekend: Организирањето културни настани има свои предизвици. Најчесто тоа се финансиски, но и логистички и технички, а понекогаш и временските неприлики.
На сите нив им пристапуваме со разум и компромис. Сите адаптации кои организаторот мора да ги направи, некогаш и во последен момент, не треба да се почувствуваат на сцената и кај публиката. Досега сме биле успешни во тоа, а се надеваме дека така ќе продолжи и во иднина.
Петнаесеттото издание доаѓа со веќе изградено искуство, но и со нови имиња и проекти. Што сакате да биде посебно во годинашната фестивалска приказна?
Prilep Jazz Weekend: Со големо задоволство го најавуваме петнаесеттиот по ред Prilep Jazz Weekend, кој ќе се одржи на 1, 2 и 3 октомври.
За овој јубилеј подготвивме програма која е концептуално богата. Публиката ќе има можност да ужива во спој на искуството и новата енергија – ќе настапат извонредни домашни изведувачи со нови проекти. Во ова 15-то издание, со акумулирано искуство и впечатоци, ќе бидеме домаќини на артисти кои ќе донесат жанровска разноличност и нови возбудувања.


Како го составивте годинашниот избор и кои проекти би ги издвоиле од програмата?
Prilep Jazz Weekend: Честа да го отворат овогодишниот фестивал ја имаат Глигор Кондовски и Дориан Јовановиќ со проектот „Crypt“. Станува збор за македонски музичари со експериментален пристап кон звукот и истражување на односот меѓу акустичните инструменти и електрониката.
Првата вечер ќе ја затвори SETHSTAT, бендот кој настапи и на првиот Prilep Jazz Weekend пред 15 години, со материјал од новиот албум. SETHSTAT е македонски џез-фјужн и њу-џез состав.
Вториот ден ќе му биде посветен на џез-движењето од Скопје „Џез за чудаци“, како прослава на чудните звуци и уште почудните луѓе што ги создаваат.
За крај е „Пијан Славеј“, музичко-поетски формат на Бранислав Николов, Пеце Трајковски и Славчо Јовев, тројцата од „Фолтин“. Во срцето на проектот е идејата да се креира нова македонска шансона, која го осовременува стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.
PEACH VICE  е пост-пандемски бенд кој својот прв албум го издаде во 2023 година.
Ги покануваме сите да дојдат, да уживаат во програмата и заедно да ги одбележиме овие 15 години.
Што значи за еден фестивал кога поддршката треба да се бара и надвор од традиционалните институционални извори?
Prilep Jazz Weekend: Оваа поддршка беше клучна за одржувањето на фестивалот. Кога изостана поддршката од централно ниво, локалната заедница – Општина Прилеп и нашиот годинашен партнер Прилепска Пиварница – застанаа зад нас и покажаа дека вистинскиот квалитет се препознава.
Тоа е доказ дека за одржлива култура е неопходно силно партнерство меѓу бизнис-секторот, локалната власт и граѓанските иницијативи.


Ако следните 15 години треба да започнат со една нова идеја, во која насока сакате да се развива Prilep Jazz Weekend?
Prilep Jazz Weekend: Петнаесет успешни изданија, вредни спомени од настапите на бројни џез-артисти од Македонија, регионот и пошироко, како и прекрасната емотивна публика, се наша мотивација да продолжиме.
Нашата визија за иднината е уште повеќе да ги прошириме едукативните содржини – работилници за млади музичари, мастер-класови и предавања. Сакаме фестивалот да не биде само дводневен или тридневен настан, туку платформа која во текот на целата година ќе поддржува млади таленти и ќе продуцира нови музички проекти.
По 15 години, ако треба со една реченица да кажете што претставува Prilep Jazz Weekend за Прилеп, која би била таа реченица?
Prilep Jazz Weekend: Prilep Jazz Weekend е симбол на урбан Прилеп и на слободна музичка мисла кој веќе 15 години го менува културниот пејзаж на нашиот град.


Сподели на социјалните мрежи