Детскиот оддел на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп беше место за дружење со книгата за учениците од Едукативниот центар „Софос“.
Учениците ја посетија библиотеката заедно со сопственичката на центарот Катерина Димкоска и професорката Марија Кулеска. За време на посетата, тие се запознаа со работата на библиотеката и со местото на книгата и пишаниот збор во образованието и развојот на младите.
Директорката на библиотеката, Андриана Ристеска, им го претстави на учениците библиотечното работење, како и можностите што ги нуди библиотеката за најмладите читатели. Таа ги информираше и за можноста за зачленување по годишна претплата од 100 денари за групи од 10 или повеќе ученици.
Во рамките на посетата, учениците од повисоките одделенија им читаа извадоци од познати сказни на помалите ученици. Читањето беше повод за заедничко дружење и запознавање со библиотеката како место каде што книгата е достапна за сите генерации.
Од библиотеката посочуваат дека организираните посети на учениците не треба да бидат поврзани само со Месецот на книгата, кој трае од 15 октомври до 15 ноември, туку да бидат дел од редовното запознавање на најмладите со книгата и библиотеката.
Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп



















