МУЗЕЈОТ СЕ ВКЛУЧУВА ВО „ПРИКАЗНА ЗА ГРАДОТ ХЕРОЈ“ СО ПОВЕЌЕ АКТИВНОСТИ

Сподели на социјалните мрежи

Во рамките на повеќедневната програма на манифестацијата „Приказна за градот херој“, со која Општина Прилеп со бројни активности го одбележува 85-годишниот јубилеј од востанието на македонскиот народ, со своја програма се вклучува и НУ Завод и Музеј – Прилеп.
Активностите се дел од програмата на НУ Завод и Музеј – Прилеп, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам.
Музејот од 5 до 9 октомври ќе реализира повеќе активности во Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участак, насочени пред сè кон учениците и младите, но и кон запознавање на пошироката публика со историското наследство.
Програмата започнува на 5 октомври во 10 часот со „Бегство од музеј“, интерактивна работилница со ученици од СОУ „Орде Чопела“.
На 6 октомври е предвидена интерактивната работилница „Детективи на минатото“ со ученици од СОУ „Ѓорче Петров“.
На 7 октомври во 11 часот ќе се одржи уште едно издание на „Бегство од музеј“, овојпат со ученици од ООУ „Добре Јованоски“. Во 14 часот следува драмолетката „Херојот е мојот дедо“, посветена на Душко Наумоски, во изведба на ученици од ООУ „Кочо Рацин“, под водство на проф. Наташа Кулевска.
На 8 октомври во 14 часот учениците од ООУ „Климент Охридски“ ќе ја изведат драмолетката „Парискиот студент е прилепско дете“, посветена на Борко Лазески, под менторство на проф. Јулијана Бумбароска.
На 9 октомври во 9 часот програмата продолжува со „Бегство од музеј“, а во 19 часот ќе биде промовиран каталог посветен на Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участок.
Активностите на НУ Завод и Музеј – Прилеп се дел од пошироката програма на Општина Прилеп во рамките на „Приказна за градот херој“, која во текот на октомври опфаќа бројни културни, образовни и други активности посветени на одбележувањето на 85-годишнината од востанието на македонскиот народ.


Сподели на социјалните мрежи