Театарот „Војдан Чернодрински“ на 7 октомври во 20 часот, пред прилепската публика ќе ја изведе премиерата на претставата „Животинска фарма“, според култното дело на Џорџ Орвел, во режија на Ќендрим Ријани. Претставата ќе биде изведена на Камерната сцена на Н.У. Центар за култура „Марко Цепенков“.
Драматизацијата ја потпишуваат Лидија Митоска-Ѓорѓиевска и Ќендрим Ријани, а асистент на режија е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Пупучевска, а музиката на Томе Темелкоски.
Во претставата играат Зоран Иваноски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Марија Спиркоска-Илијеска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и Томе Темелкоски.
„Животинска фарма“ ја отвора темата за моќта, контролата и манипулацијата, но и за начинот на кој големите и благородни идеи можат да бидат изневерени кога ќе се појават личните интереси и желбата за власт.
Адаптацијата на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска и Ќендрим Ријани ја пренесува Орвеловата приказна во наш контекст и се занимава со механизмите преку кои моќта го менува општеството. Вистината станува подложна на интерпретација, фактите се приспособуваат, а политичкиот јазик e неопходно средство, бидејќи – како што вели Орвел – тој е така создаден што прави лагите да звучат како вистина.
Преку приказната за животните на фармата, претставата поставува прашања за тоа зошто луѓето повторно веруваат во истите ветувања, како се препознава манипулацијата и што се случува кога довербата и надежта ќе се претворат во средство за покорност.
„Животинска фарма“ и денес останува силна критика на тоталитаризмот, но и предупредување за кревкоста на слободата и еднаквоста.

















