Во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп на 7 октомври 2026 година се одржа настанот „Изрази се – младите го кршат молкот“, организиран од СОУ „Ѓорче Петров“, посветен на менталното здравје на младите.
Настанот беше реализиран во рамките на активностите со кои се одбележуваат 85 години од почетокот на Народноослободителната борба на македонскиот народ, а во фокусот беа теми со кои младите се соочуваат во секојдневието – стресот, анксиозноста, училишните притисоци, очекувањата и потребата од поддршка.
Повод за разговорот беа и резултатите од анонимна анкета спроведена меѓу средношколците. Преку нивните одговори беа издвоени теми кои самите млади ги препознаваат како важни, по што следуваше отворен разговор за препознавањето на стресот и анксиозноста, нивното влијание врз секојдневниот живот и начините на кои младите можат да се справуваат со предизвиците.
Во разговорот учествуваа д-р Гордана Катова Јаневска, психологот Маја Димоска Јандреска, Елеонора Костоска Јованоска, претставник од локалната самоуправа, и Михаил Ангелески, студент и поранешен ученик на СОУ „Ѓорче Петров“. Тие со учениците споделија стручни, професионални и лични согледувања, а особено внимание беше посветено и на тоа кога и каде младите треба да побараат помош и поддршка.
Дел од пораките на учениците беа пренесени и преку нивните ликовни творби. На нив се прикажани различни аспекти од младешкото секојдневие – анксиозноста, притисокот од врсниците, училиштето и семејството, влијанието на социјалните медиуми и неизвесноста за иднината, но и начини за справување со овие предизвици.
„Изрази се – младите го кршат молкот“ отвори простор младите да зборуваат за теми за кои не секогаш лесно се наоѓаат зборови. Пораката на настанот беше едноставна: да се зборува, да се слуша и да се побара поддршка кога е потребна.
Со вакви активности, одбележувањето на 85-годишнината од 11 Октомври опфаќа и теми значајни за младите и нивното секојдневие.



















