Во пресрет на 11 Октомври – Денот на народното востание, вечерва во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп се одржа поетска вечер посветена на револуционерната и слободарската поезија.
Пред присутните, Рамадан Рустемов рецитираше избор стихови од македонски автори, а историчарот Горјан Василевски се осврна на историските настани поврзани со почетокот на Народноослободителната борба во Прилеп. Тој говореше за акциите на 11 октомври 1941 година и за учесниците во нив, како и за значењето на Прилеп во антифашистичката борба.
Поетската вечер беше збогатена и со музички точки. Андреј Ржаникоски и Марија Крстеска, под менторство на Мартин Колевски, изведоа неколку композиции на хармоника. Водител на настанот беше Маја Камшикоска.
Одбележувањето на 11 Октомври во библиотеката продолжува и во петок, 9 октомври, кога во Големата сала, со почеток во 17:30 часот, ќе биде промовирана книгата „Спомени на прилепските револуционери“.
Приредувач на изданието е проф. д-р Славчо Ковилоски, по потекло од Прилеп, а издавач е ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп. За книгата пред присутните ќе говори промоторот проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова.
Со новото издание, библиотеката воедно го збогатува фондот на своето Роднокрајно одделение со дело непосредно поврзано со Прилеп и неговото револуционерно минато. Промоцијата претставува продолжение на програмата посветена на 11 Октомври, преку која книжевноста и историското сеќавање се поврзуваат со зачувувањето на локалното културно и историско наследство.


Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп

















