КОРЕНИТЕ, Андриана Ристеска

Сподели на социјалните мрежи

КОРЕНИТЕ

Немојте,
не корнете ни ги корените,
да не се исушат моликите
кои високо се издигнале,
па весело пеат, шумолат
за една Земја Македонска.

Немојте,
не ништете ни ги корените,
да не ни овенат цветовите
за кои Јаневски пееше,
да не згаснат очите
кои Шопов ги оплакуваше.

Немојте,
не корнете ни ги корените,
да не ги снема тутунарите
за кои Рацин беседеше
или пак лозјата
кои Конески ги сееше.

Немојте,
не ништете ни ги корените,
нека ни остане пирејот
за кој Андреевски пишуваше,
кој со векови вирееше,
за народот македонски сведочеше.

Немојте,
не корнете ни ги корените,
оставете ги, не ништете ги
за поколенијата зачувајте ги!

Андриана Ристеска


Сподели на социјалните мрежи