Во Прилеп започна 16. издание на националниот „Поетски слем Македонија“, кој до 11 октомври ќе понуди неколкудневна програма исполнета со поезија, промоции на книги, перформанси, слем-настапи и музика.
Манифестацијата ја организира „Театарска работилница“ од Прилеп, а за титулата национален претставник годинава ќе се натпреваруваат дваесетина учесници и учеснички од различни генерации и со различни стилови на изразување.
Меѓу учесниците се Бобан Богатиновски, Лиле Јовановска, Тања Кузманоска, Билјана Павлеска, Виктор Спасески, Жане Гудеска, Јулијана Маринковиќ, Маја Малиновска, Марија Грубор, Наталија Наумовска-Велковска, Стефанија Граовац, Тони Павлески, Лилјана Сливоска, Елена Пренџова и Игор Трпчески.
Директно во финалето се пласирани Валерија Дамчевска, Матеј Петров и Јован Лешев, кои освоија најмногу бодови на настанот по повод Светскиот ден на слемот, одржан во септември во Скопје.
Специјални гости на годинашното издание се поетесите Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре од Мозамбик, Африка.
Фестивалската програма започна синоќа во галеријата на НУЦК „Марко Цепенков“, со изложба на Друштвото на ликовните уметници на Битола, пото следуваше поетската монодрама „Лидија или сѐ што знам за жените“.
Денес, петок 9.10.2026, програмата продолжува со промоција на збирка поезија на хаику, хаига и задачи за креативно пишување од Елена Пренџова во кафулето „Долапче“ во 18 часот. Во 19 часот во клубот „Дипломатик“ ќе бидат промовирани збирките поезија од Александра Јуруковска и Сузана Мицевска, а во 20 часот во киното „Мис Стон“ ќе настапат гостинките од Мозамбик, по што ќе се одржи полуфиналето во слем.
Во сабота следуваат повеќе поетски содржини, меѓу кои и промоција на збирка поезија од Марија Грубор во клубот „Дипломатик“.
Фестивалот свечено ќе продолжи со слем-караванот, кој ќе започне на прилепскиот плоштад кај Саатот и ќе се движи до НУЦК „Марко Цепенков“. Ќе биде промовирана и книгата „Како паѓаме јас и ти“ од Ненад Јолдески.
Главното слем-финале е закажано во киното „Мис Стон“ во 21 часот, а по него следува концертна промоција на збирката „Пружини“ од Пијан Славеј – Бранислав Николов, со „Хот џез оркестра“.
Последниот фестивалски ден, 11 октомври, учесниците ќе го поминат и на Трескавец, каде што е предвидено поетско читање, додека вечерната програма ќе биде посветена на поезијата на Тихомир Јанчовски, во вилата „Ана Плетварска“ од 19:30 часот.
„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставници на Европското слем-првенство и двајца претставници на Светското слем-првенство. Годинашниот победник ќе ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, со можност и за настап на Светското.

















