Во рамките на културно-уметничката програма „Приказна за градот херој“, со која Општина Прилеп ја одбележува 85-годишнината од 11 Октомври – Денот на народното востание, на 9 октомври во Прилеп се одржаа две промоции на книги посветени на историското наследство и сеќавањето на настаните и личностите поврзани со борбата за слобода.
Во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ беше промовирана книгата „Спомени на прилепските револуционери“ од проф. д-р Славчо Ковилоски, а промотор на изданието беше проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова.
Преку спомени и историски сведоштва, книгата го доближува до читателите револуционерното минато на Прилеп и сведоштвата за луѓето кои учествувале во борбата за слобода. Ваквите изданија имаат значајна улога во зачувувањето на историската меморија и пренесувањето на искуствата од минатото до новите генерации.


Истата вечер, во Меморијалниот музеј „11 Октомври 1941“ – Участок, беше промовиран каталог посветен на музејот, издание на НУ Завод и музеј – Прилеп. Каталогот е објавен по повод 65 години од отворањето на музејот и претставува придонес кон документирањето и претставувањето на неговото значење во зачувувањето на споменот за 11 Октомври 1941 година и антифашистичката борба.
Двете промоции ја поврзаа книжевната и музејската дејност во заедничка цел – зачувување на сведоштвата за минатото и нивно доближување до јавноста. Преку книгите, документите и музејските поставки, историските настани добиваат можност да бидат истражувани и запознавани од сегашните и идните генерации.
Со овие настани продолжува програмата „Приказна за градот херој“, преку која Прилеп ја одбележува годишнината од 11 Октомври, потсетувајќи на значењето на историското наследство и обврската тоа да се чува и пренесува.



















