Патот на прилепскиот музичар, композитор и продуцент низ децениите на македонската музика – од првите бендови и настапи, преку авторството и студиската работа, до фестивалите и новите генерации музичари.
Музичкиот пат на Горан Милошески започнува во Прилеп – градот во кој растел со музиката, настапувал, пеел, создавал и ги правел првите снимки во прилепските студија. Тоа е период во кој прилепската музичка сцена имала свој препознатлив живот, со бендови, автори, изведувачи и студија во кои младите музичари ги правеле своите први чекори.
Од првите настапи и авторски обиди, преку фестивалите, студиската работа и продукцијата, Милошески постепено го гради својот пат како изведувач, композитор, аранжер и продуцент. Подоцна заминува во Скопје, каде што продолжува професионално да работи и создава сопствено студио, низ кое соработува со различни генерации музичари.
За почетоците во Прилеп, музиката и промените што ги донесоа децениите, за студиската работа, фестивалите, младите музичари и неговата врска со родниот град, разговараме со Горан Милошески.
Горан, Вашата музичка приказна започнува во Прилеп. Како изгледаа Вашите први музички чекори – првите бендови, настапи и луѓето со кои тогаш ја споделувавте музиката?
Детството го поминав во мојот роден Прилеп. Учев во музичкото училиште, каде што свирев хармоника и флејта, а потоа продолжив во средното музичко училиште во Битола. Таму стекнав нови знаења и свирев со неколку битолски бендови.
Мајка ми ми купи клавијатурен инструмент „Елка“ од Златко Црвенкоски, клавијатурист од групата „Маркови внуци“. Тоа беше важен дел од моите почетоци. Во Прилеп формирав повеќе бендови, во кои настапував како клавијатурист и вокал.
Во 1981 година, со групата „Среќни баксузи“, освоивме прво место на гитаријадата во салата „Македонија“. Потоа следуваше групата „Монструми“, со која организиравме игранки во салата „Тризла“, а со групата „Клепсидра“ подоцна и настапи во гимназијата и Офицерскиот дом. Тогаш ги направивме и првите снимки на касета. Тоа беше голема радост за целиот бенд.
По отслужувањето на воениот рок заминав на студии на Музичката академија во Скопје. Таму продолжив да настапувам со различни бендови, меѓу кои и „Фора“, во која соработував со пејачот и текстописец Перо Неашмиќ – Бато. Работев и во студија со познати музичари, а често снимав клавијатури за продукцијата на забавна музика во студиото М2 при МРТВ.
Во Скопје ја започнав и соло-кариерата. Настапував на студентски забави, а во 1986 година учествував на рок-гитаријадата во МКЦ. Тој период ми остана во сеќавање како време на важни музички искуства и први поголеми успеси.


Во тој период важна улога имаа и прилепските студија. Вие сте пееле, компонирале и снимале во нив. Како се создаваше една песна тогаш, од првата идеја до снимањето, и колку се разликува тој процес од денешниот?
Со компонирање започнав околу 1980 година. Имав една соседка, Вале, која живееше во истата зграда и имаше многу убава акустична гитара. На неа научив да свирам и ја создадов мојата прва композиција, посветена на 25 Мај – Денот на младоста. Истата година ја напишав и песната „Растеш без мајка“, инспирирана од животната приказна на мајка ми, која пораснала во дом.
Во Прилеп значајна улога во мојот музички развој имаше Жарко Настески – Точак, кој ми беше ментор. Од него научив многу за студиската работа, а во неговото студио ги направив и првите снимки. Тие снимки ми помогнаа да ја започнам соло-кариерата, а во 1987 година настапив на „Макфест“ како кантавтор.
Во тој период многу компонирав и работев на музика за театарски претстави во Театарот „Војдан Чернодрински“, меѓу кои „Пинокио“, „Градење црква“ и „Опера за три гроша“. Но, покрај авторската работа, сакав да придонесам и за развојот на музичката сцена во Прилеп. Заедно со Културно-просветната заедница и други луѓе се вклучив во организирањето фестивали на кои младите и талентирани пејачи ќе добијат можност да настапат со свои песни и да се претстават пред публиката.
Организиравме неколку фестивали, меѓу кои „АЗА-фест“, „ТИНС-фест“, „Мел-фест“, а посебно место во мојата работа има и детскиот фестивал „Сребрен звон“, чија традиција продолжува и денес. Преку тие фестивали сакавме да им дадеме шанса на младите да го покажат својот талент и да направат први чекори кон професионалната музичка сцена. Од нив произлегоа повеќе пејачи кои подоцна се афирмираа во македонската музика.
Еден од примерите е Тоше Проески, кој во 1997 година победи на „Мел-фест“ во Прилеп со изведбата на „Yesterday“, а потоа настапи и на „Макфест“ со песната „Пушти ме“, за која ја напишав музиката. Кога ќе се навратам на тие години, ми значи сознанието дека и преку фестивалите во кои бев вклучен можев да бидам дел од музичките почетоци на млади луѓе кои подоцна изградија успешни кариери.
За жал, овој период ми донесе и големи лични разочарувања. Во организацијата на фестивалите вложував многу труд, време и љубов, а во некои проекти влегував и со голема доверба во луѓето со кои соработував. Но, некои пријателства и соработки не завршија онака како што очекував. Сметам дека мојата добрина и довербата што ја имав во одредени луѓе беа злоупотребени. Тоа особено ме погоди затоа што сакав да создадам нешто вредно за мојот град и да им помогнам на младите таленти да успеат.
Многу ме разочара и тоа што, и покрај сè што вложував, не ја почувствував поддршката што ја очекував од мојот град. Во еден период живеев исклучиво од музиката, бев самостоен музичар и кога останав без можност да продолжам да работам како дотогаш, морав да побарам нов пат. Најпрво заминав во Скопје сам, каде што свирев по локали, а во 1998 година ми се приклучи и семејството.
Но, не се откажав од музиката. По тешката операција на гласните жици, кога постоеше сомневање за посериозна болест, решив да отворам сопствено студио и школа за пејачи и инструменталисти. Иако живеев во тешки услови, постепено ја обезбедив потребната опрема и повторно се активирав. Во текот на годините, како продуцент, работев на илјадници композиции – според мојата процена, меѓу 5.000 и 6.000. Со својата школа и студио продолжив да работам со различни генерации музичари, а тоа го правам веќе 28 години.
Животот ме научи дека не секогаш работите се одвиваат онака како што сме замислувале. Некои соработки завршуваат, некои пријателства се менуваат, но човек мора да продолжи понатаму. Секој по својот пат, со искуството и поуките од она што го поминал. Музиката остана мојата професија и мојата љубов, а јас продолжив да создавам и да им помагам на младите што сакаат да го најдат своето место на музичката сцена.
Кога би ги споредиле музичарите од Вашата генерација со денешните млади автори и изведувачи, каде ја гледате најголемата разлика? Што имаа младите тогаш, а што имаат денес?
Разликата е голема. Во нашето време требаше со денови да вежбаме и да работиме за да снимиме нешто ново. Денес технологијата овозможува музиката да се создава многу побрзо, но сметам дека можностите не се секогаш гаранција и за квалитет.
Многу талентирани музичари кои немаат финансиски средства тешко доаѓаат до поширока публика, па често се принудени да настапуваат по кафулиња и на прослави. Од друга страна, промоцијата денес има големо влијание врз тоа кој ќе стане познат.
Во текот на годините сум им помогнал на многу млади изведувачи, вклучително и со совети и снимање композиции без финансиски надомест. Би сакал таа помош да се памети и повеќе да се цени. За мене музиката отсекогаш значела работа, посветеност и меѓусебна поддршка.
Од позиција на човек кој долго време работи во Скопје, како ја гледате разликата меѓу музичарите кои работат во главниот град и оние кои создаваат надвор од него? Дали денес млад музичар од Прилеп или друг град полесно може да стигне до поширока публика?
Скопје и понатаму е центар во кој се случуваат голем дел од музичките активности, па на музичарите од помалите градови често им е потешко да дојдат до пошироки можности. Сепак, ме радува што во Прилеп се отворија добри студија и што има музичари и продуценти кои можат да им помогнат на младите таленти.
Кога сум ангажиран на фестивали како уметнички директор, настојувам да им дадам простор и на музичарите од Прилеп. Нашиот град има многу талентирани музичари и уметници, а важно е тие да добијат можност да го покажат тоа што го знаат.
Ме радува и што продолжуваат музичките активности за најмладите, особено традицијата на детскиот фестивал. Сметам дека младите треба да имаат каде да ги направат првите чекори и да добијат поддршка за понатамошен развој.


Фестивалите се важен дел од Вашиот музички пат – од „Макфест“, каде што сте се појавувале и како изведувач и како композитор, па до подоцнежните ангажмани на „Охрид фест“, „Тумба фест“ и други фестивалски сцени. Како се менуваше Вашата улога низ годините и што Ви значеа фестивалите во различните периоди од Вашата кариера?
Учествував на многу фестивали, во различни улоги – како пејач, аранжер и композитор. Имам освоено повеќе награди и сум настапувал и на фестивали на Балканот и во Европа.
Со текот на годините мојата улога се менуваше. Покрај изведувањето и создавањето музика, се посветив и на работата зад сцената, на подготовката на изведувачите и на организирањето фестивалски програми. Во последните години сум ангажиран и на „Тумба фест“ и на детскиот фестивал „Распеано детство“ во Куманово.
За мене е важно музиката што сум ја создавал да остане забележана. Наскоро треба да излезе и мој албум со десет композиции што ги издвоив од песните што сум ги пеел. Сакам зад себе да оставам нешто вредно, што ќе продолжи да живее и по мене.
Низ Вашата работа сте имале можност да бидете присутни во различни периоди и да работите со различни генерации музичари. Кој е најголемиот предизвик за еден млад музичар денес – да најде свој звук, публика, продукција или начин да опстане во музиката?
Мојот предизвик е да ја зачувам квалитетната музичка линија во поп-музиката и преку својата работа да оставам трага. Сметам дека секој млад автор треба да се обиде да изгради сопствен стил, наместо постојано да ги следи актуелните трендови или да ги копира решенијата што доаѓаат од светската сцена.
Вештачката интелигенција и алатките како Суно отвораат нови можности, но истовремено ме загрижува тоа што младите можат премногу да се потпрат на нив. Технологијата може да биде помош во создавањето, но не треба да ја замени личната креативност, музичкото знаење и трудот потребен за да се изгради препознатлив авторски израз.
Верувам дека музичарот треба да има што да каже преку својата музика. Техниката може да го олесни процесот, но личниот печат е она што едно дело го прави препознатливо.
И за крај, ако го погледнете патот од прилепските сцени и студија, преку Скопје и Вашето студио, до фестивалите и сè што работите денес – што останало исто кај Горан Милошески, а што најмногу се променило?
Љубовта кон мојот град и кон прилепчани остана иста. Често доаѓам во Прилеп, се среќавам со пријателите и колегите и секогаш кога можам, се трудам да помогнам.
Неодамна работев на композиција посветена на децата од Дабница. Ја снимив и продуцирав без финансиски надомест, а ја отпеа Душко, познат како Гао. За мене е важно преку музиката да се зачува споменот и да се покаже почит кон луѓето и настаните што оставиле трага.
И во други прилики сум сакал да им помогнам на прилепските музичари. Така, за време на мојот ангажман како уметнички директор на „Охридски трубадури“, создадов композиција за прилепски татко и син, без надомест. Тоа го правам од љубов кон музиката и кон мојот град – градот во кој не живеам, но со кој секогаш останувам поврзан



















