„ИГРАМЕ ЗАЕДНО“ – ВЕЧЕР НА ФОЛКЛОРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Шест фолклорни ансамбли од различни градови ќе ја претстават убавината на традиционалните ора и носии на сцената на НУЦК „Марко Цепенков“.
Вечер на фолклор за деца и млади под наслов „Играме заедно“, со мотото „Убавината на различностите“, ќе се одржи на 17 октомври 2026 година, во големата сала на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Почетокот е закажан за 19 часот.
Публиката ќе има можност да проследи настапи на шест фолклорни ансамбли од различни делови на Македонија, и гости од Босна и Херцеговина, кои преку традиционалните игри и носии ќе ја претстават разновидноста на фолклорното наследство.
Во програмата ќе учествуваат Фолклорната група „Вапчаров“ од Делчево, КУД „Охриѓанка“ од Охрид, КУД „Илинден“ од Кривогаштани, КУД „Младост“ од Кичево, КУД „Лазарица“ од Станари, Република Босна и Херцеговина, и КУД „Моминок“ од Прилеп.
Ансамблите ќе се претстават со различни кореографии и традиционални игри. „Вапчаров“ ќе го изведе „Јано Јанке“, „Охриѓанка“ – „Малешевка и Раштак“, а КУД „Илинден“ ќе претстави касапско оро, народно оро и каламатија. На програмата се и „Копација“ на КУД „Младост“, „Лесковац и Шопе“ на КУД „Лазарица“ и „Тресеница и Калајџиско“ на КУД „Моминок“.
Со ваквите средби, фолклорот станува простор за запознавање со различните традиции, заедничко дружење и негување на културното наследство, особено меѓу најмладите.
Вечерта на фолклорот е во организација на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, а се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.


Сподели на социјалните мрежи