„КОНГЛОМЕРАТИ“ – ИЗЛОЖБА НА САШО АЦКОВСКИ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 22 октомври (четврток), со почеток во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Конгломерати“ на ликовниот уметник Сашо Ацковски.
Проектот содржи околу 25 дела, изработени во акрилна техника на платно на блинд рамови, со прилепени (колажирани) електронски делови, со различни димензии. Како што кажува и самиот наслов, во делата е преставена организирана концентрација на различни елементи по својата природа, од една страна апстрактни мотиви создадени од човечка рака и од друга страна електронски индустриски делови создадени од машина, на тој начин пресликувајќи го современото општество во уметничкото делото. Иако спротивни по својата природа елементите меѓусебно се испреплетуваат и создаваат една меѓусебна синергија, односно нова целина, нова реалност. Се додека постои урамнотеженост помеѓу спротивностите, конгломератот функционира, во спротивно настапува хаос во таа нова реалност.
Да ја поттикне публиката да размисли за балансирана и контролирана употреба на техниката и технологијата во секојдневниот живот. Да ја користи истата само како средство, односно алатка за подобро опстојување и функционирање во општеството, а со самото тоа да се постигне враќање кон реалните социјални интеракции и комуникации, односно да поттикне враќање кон природата и хармонијата.
Изложбата „Конгломерати“ во Прилеп ќе им овозможи на посетителите да се запознаат со ликовниот пристап на Ацковски и со неговото истражување на односот меѓу уметноста, индустриските материјали и современиот начин на живот.


Сподели на социјалните мрежи