Во Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, на 22 октомври 2026 година (четврток), со почеток во 19:30 часот, ќе биде отворена изложбата „A PIECE OF ART“ на прилепскиот ликовен уметник Марјан Стојаноски.
Изложбата ја претставува уметноста како простор на лична слобода, мир и човечка поврзаност. Насловот се потпира на играта меѓу англиските зборови peace (мир) и piece (парче, дело), упатувајќи на идејата дека секое уметничко дело е личен израз, но и дел од пошироката човечка приказна.
Преку експресивни потези, контрасти, слободни форми и спонтани композиции, делата отвораат простор за различни лични доживувања и толкувања. Бојата, линијата и формата стануваат начин за изразување на чувства и мисли што не секогаш можат да се пренесат со зборови.
Во концептот на изложбата, уметноста е можност за средба меѓу различни искуства и погледи, но и потсетување на значењето на меѓусебното разбирање и прифаќањето на различностите. Таа не нуди единствен одговор, туку повикува на дијалог меѓу авторот и набљудувачот.


Марјан Стојаноски е роден во 1983 година во Прилеп. Средно уметничко образование завршил во училиштето „Лазар Личеноски“ во Скопје, а дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), а во два наврати бил претседател на Друштвото на ликовните уметници на Прилеп (ДЛУП).
Во 2015 година ја добил наградата за скулптура „Јордан Грабул“. Автор е на повеќе скулптури поставени во јавниот простор во Прилеп, меѓу кои и скулптурата „Мир“, посветена на Тоше Проески. Има учествувано на бројни групни и самостојни изложби, како и на ликовни колонии во земјата и во странство. Работи во областа на ликовната дејност во НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.



















