МИТ
Сега, кога светот ги затворил очите.
Сега, кога ние почнавме да сонуваме.
Цвеќињата го испуштиле поленот,
тревата престанала да расте.
Водата се повлекла подлабоко, подалеку.
Дошол нашиот ред да тргаме, да туркаме,
да копаме и молкнеме, да раѓаме и мускули
оптегнати од болка, да потомориме
една генерација не родени.
Сега дошол нашиот ред, за слава без поп и благослов.
За камења што на првиот дожд ги снемува,
а не куќа да задржат.
Сега гладот ни е вечера.
Трудот ни е пораз.
Поразот ни е потсмев.
О ти што го носиш името сквернавено
од злокоба на луѓе, не-луѓе.
Што беше игла во окото,
што беше срамот на зборот изустен.
Да ти се крени челатот,
ќе ти треба подолго него што мислеше.
Да ти се оплоди земјата,
ќе ти требаат повеќе раце за копање.
Да ти се разлеј водата,
ќе треба да ги срушиш браните.
Да биде потоп.
И одново да се роди билка,
да се створи корен,
да се пушти лист.
Да се насади полето, и лозјето.
Да ти се родат уште раце и нозе.
И нови отпечатоци, на кожа
врз коски потпрена.
Сега кога ние почнавме да сонуваме,
се раздвижиле по ноќе
самовилите од дамнина.
Ама не е аир.
Тажни места посетувале.
А кај нас им е домот.
Кај нас ми се чини и се родиле.
А ни тие не знаат,
оти тука денот и ноќта се измешале.
И не знаат оти и ние сме веќе самовили.
Деспина Сиљаноска

















