Танцовото студио и порталот за современи изведувачки уметности „Зодијак“ од Прилеп, на 13 ноември 2026 година, премиерно ќе ја изведе новата театарска претстава за деца и млади „Снежното кралство“. Претставата, работена во форма на мјузикл, ќе биде изведена на големата сцена во НУ Центар за култура „Марко Цепенков“, со почеток во 19 часот.
Инспирирана од познатата приказна за Елза и Ана, претставата носи пораки за љубовта, храброста, сочувството и емпатијата. Преку напорите на помладата сестра Ана да ја врати Елза и да им помогне на жителите на Арендел, се отвораат теми за важноста на семејните врски, храброста во донесувањето одлуки и влијанието што постапките на секој човек го имаат врз другите.
„Снежното кралство“ е исполнето со случувања, емоции и познати мелодии во изведба на македонски јазик, разиграни кореографии, сценски движења, колоритни костими и сценографија, кои ја создаваат магичната атмосфера на оваа приказна.
Режијата, песните и сценските движења се на Кире Миладиноски, додека преводот, драматизацијата и адаптацијата на македонски јазик се на Благојче Николоски. Музиката е на Кристоф Бек и Томе Темелкоски, костимографијата на Анѓа Миладиноска, а сценографијата и куклите на Јордан Миладиноски. Дизајнот на рекламниот материјал и видеата го изработи Петар Јошески, а за светлото е задолжен Бобан Смилкоски.
Гласовите ги позајмија Наташа Седлоска, Бисера Гаралоска, Марија Илијеска, Вања Младеноски, Андреј Димитриовски, Калина Гаралоска, Марта Шаркоска, Томе Темелкоски, Благојче Николоски, Фросина Богеска, Ангела Чупетреска, Сара Камческа и Кире Миладиноски.
Во претставата играат Бисера Гаралоска, Марта Шаркоска, Калина Стојаноска, Петар Јошески, Софија Иваноска, Сара Камческа, Кристина Миноска, Љубица Ангелеска, Лана Спиркоска, Милана Здравеска, Јована Ангелеска, Јана Чучуроска, Сара Иваноска, Исидора Митревска и Марија Стојаноски. Од „Зодијак“ упатуваат благодарност и до Софија Настоска и Теодора Настоска.
Дополнително, на 21 ноември ќе биде изведена и адаптирана верзија на претставата за лица со оштетен слух.
Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, во рамките на Националната програма за 2026 година – драмска дејност, како и од Локалната самоуправа на Општина Прилеп.
















