Прилепскиот академски уметник Филип Перески на 10 ноември ќе ја претстави својата изложба „Флуктуација“ пред публиката во Загреб, Хрватска. Изложбата ќе биде поставена во Културно-информативниот центар на Македонија, како дел од продолжувањето на неговата музичка и ликовна сезона.
Станува збор за изложбата што Перески ја најави и при отворањето на својата претходна самостојна изложба „Линија, форма и простор“ во Прилеп, во септември годинава, кога посочи дека следното негово претставување е во подготовка и ќе се реализира во Загреб.
Според информацијата објавена од Културно-информативниот центар на Македонија во Загреб, отворањето на изложбата „Флуктуација“ ќе биде проследено со концертот „Звучен пат“, на кој ќе настапат Анастасија Гичевска на пијано и Симеон Гошев на виолина.
Настанот ќе се одржи на 10 ноември, со почеток во 19 часот, во просториите на Македонскиот КИЦ на улицата Андрија Хебранг број 4 во Загреб.
Со ова претставување, ликовното творештво на Перески продолжува да се афирмира и надвор од македонската културна средина, а неговата изложба ќе биде дел од програмата со која Македонскиот КИЦ ја поврзува македонската ликовна и музичка уметност со хрватската публика.
















