ПРИЛЕП ГО ОДБЕЛЕЖУВА 3 НОЕМВРИ – ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА ГРАДОТ

Сподели на социјалните мрежи

На 3 ноември Прилеп го одбележува Денот на ослободувањето, празник посветен на историските настани од 1944 година и на борбата за слобода. Овој датум е дел од колективната меморија на градот и потсетување на придонесот и жртвата на борците кои учествувале во ослободувањето на Прилеп.

Годинава одбележувањето се одвива под мотото „Приказна за градот херој“, со програма што започна на 1 октомври и опфаќа културни, уметнички, образовни, спортски и меморијални содржини. Во рамките на програмата се одбележуваше и 85-годишнината од 11 Октомври 1941 година – почетокот на Народноослободителната борба на македонскиот народ. Програмата ќе заврши на 3 ноември, со содржини посветени на Денот на ослободувањето на Прилеп.

Организатор на одбележувањето е Општина Прилеп, во соработка со локалните установи, институции и организации. Меѓу завршните настани се изложби, свечената седница на Советот на Општина Прилеп и доделувањето на Третоноемвриските награди за 2026 година.

Програмата за 3 ноември:
• 09:30 часот – Положување свежо цвеќе пред спомениците на Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, на Могилата на непобедените и кај споменикот на Песјобрдце.
• 10:00 часот – Традиционален арт-хепенинг „Со љубов за Прилеп“, во организација на Ротари клуб Прилеп, во Ликовната галерија во НУЦК „Марко Цепенков“.
• 18:00 часот – Изложба на дела од меѓународната ликовна колонија „Марко Цепенков – Дрен 2026“ во Ликовната галерија. Преку фотографии ќе биде претставен процесот на создавање монументални метални скулптури наменети за јавните простори во градот.
• 18:30 часот – Изложба на документи и фотографии од Државниот архив – Одделение Прилеп, под наслов „Прилеп по 1945 – Години на промени и развој“, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“.
• 19:00 часот – Свечена седница и доделување на Третоноемвриските награди за 2026 година, во НУЦК „Марко Цепенков“.
Со овие настани завршува овогодишната програма „Приказна за градот херој“, која во изминатиот период ги обедини културата, уметноста, историјата и спортот во одбележувањето на еден од најзначајните датуми за Прилеп.
3 Ноември е ден за потсетување на минатото, почит кон оние што се бореле за слободата и грижа за вредностите што ги оставаме на идните генерации.


Сподели на социјалните мрежи