Клубот на литературни творци – Прилеп, на 11 ноември ќе одбележи 15 години од своето основање. По тој повод, ќе се одржи годишно собрание и свечен настан на кој ќе бидат претставени досегашните активности, успеси и достигнувања на Клубот и неговите членови.
Програмата ќе започне со краток осврт на историјатот на Клубот, претставување и доделување благодарници на основачите. Ќе бидат доделени и признанија за посебен придонес на членови, како и благодарници за институциите, соработниците и поддржувачите на Клубот.
Централно место во одбележувањето ќе има свечената промоција на алманахот „Крилјата на зборот“, издаден по повод 15-годишниот јубилеј, со читање поезија од изданието.
Настанот ќе се одржи во среда, 11 ноември, со почеток во 17:30 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп.
Со овој јубилеј, Клубот на литературни творци – Прилеп одбележува 15 години посветеност на книжевното творештво, афирмацијата на локалните автори и развојот на литературниот живот во градот.















