БИТОЛА ПОВТОРНО ЌЕ БИДЕ МУЗИЧКИ КРСТОПАТ – ОД 25 ДО 30 НОЕМВРИ 18. ФЕСТИВАЛ НА МУЗИКА ОД СВЕТОТ

Сподели на социјалните мрежи

Шест фестивалски вечери, музички традиции од различни делови на светот, домашни и странски изведувачи, како и две изложби, ја сочинуваат програмата на 18. издание на Фестивалот на музика од светот, кој од 25 до 30 ноември 2026 година ќе се одржи во Битола.
Под мотото „Музички крстопат“, годинашното издание ќе понуди средби со уметници од повеќе земји, поврзувајќи ја традиционалната музика со современите музички изрази. Програмата беше претставена на прес-конференција во НУ Центар за култура – Битола, организатор на фестивалот.
Фестивалот ќе започне на 25 ноември со концерт на Амира Медуњанин, позната по интерпретациите на балканската традиционална музика. Следната вечер, на 26 ноември, ќе настапат македонскиот гитарист и композитор Јован Милошевски, кој живее и работи во Шпанија, и битолскиот бенд CODE 369.
На 27 ноември, во Народниот театар – Битола, ќе гостува Sarsale од Барселона, со музика инспирирана од фламенкото и шпанската традиција, додека на 28 ноември публиката ќе има можност да ја проследи програмата на турската група Martenitsa.
Особено музичко доживување се најавува за 29 ноември, кога на сцената ќе настапат Битолскиот дувачки оркестар и Драган Мијалковски. За оваа вечер се подготвува проширен оркестарски состав со гудачки инструменти, околу 30 музичари и аранжмани на Дамир Имери, кој ќе биде и специјален гостин.
Завршната фестивалска вечер, на 30 ноември, ќе донесе настап на Елена Баклава, со нов музички материјал произлезен од нејзините истражувања во Турција, а потоа и на грузиското трио Trio Mandili, препознатливо по своите вокални интерпретации и традиционални песни.
Покрај музичката програма, годинашното издание ќе биде збогатено и со две изложби. На 25 ноември ќе биде отворена изложбата „Бучава што создава идентитет“ на Тошо Филиповски, реализирана во соработка со НУ Центар за култура „Бели мугри“ – Кочани. На 28 ноември, во горното фоаје на Центарот за култура – Битола, ќе биде претставена изложбата „Музика во слика и слика во музика“ на уметницата Жаклина Николовска од Скопје.
Фестивалот започнал во 2009 година под името „Едно фест“, а од 2010 година ја продолжува својата приказна како Фестивал на музика од светот. Во изминатите години, на неговата сцена настапиле бројни меѓународни и домашни музички имиња, меѓу кои Ричард Галијано, Наташа Атлас, Божо Вреќо, Васил Хаџиманов бенд, Биља Крстиќ, Каролина Гочева, Љубојна, Синтезис и Џамбо Агушев.
Со осумнаесеттото издание, фестивалот продолжува да ја негува музичката разновидност и да создава простор за средби на различни култури, традиции и генерации.
18. Фестивал на музика од светот ќе се одржи од 25 до 30 ноември 2026 година во Битола. Билетите се достапни преку картицк.мк и на билетарницата на НУ Центар за култура – Битола.


Сподели на социјалните мрежи