Во пресрет на одбележувањето на личните приказни, храброста и истрајноста на луѓето кои секојдневно се соочуваат со предизвици што често остануваат невидливи за околината, во Прилеп ќе биде промовирана книгата „Моќта на невидливите херои“ од авторката Сања Поповска.
Промоцијата ќе се одржи во сабота, 14 ноември 2026 година, со почеток во 18 часот, во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп.
Книгата отвора простор за разговор за мултиплекс склерозата (МС), но и за луѓето, нивните секојдневни искуства, предизвиците, поддршката и силата да се продолжи понатаму. Преку пораките што ги носи, таа потсетува дека зад секоја дијагноза стои човек, со своја приказна, чувства и надежи.
„Не ме гледаш, но ме има“ е пораката што ја носи оваа книга, посветена на сите оние чии борби не секогаш се видливи, но заслужуваат да бидат слушнати и разбрани.
Авторката упатува посебна благодарност до Градската библиотека „Борка Талески“ за поддршката на македонските автори и создавањето простор за претставување на домашната книжевност.
Промоцијата е можност публиката да се запознае со книгата, но и да ги слушне приказните што потсетуваат на значењето на човечката блискост, разбирањето и поддршката.















