Во време кога младите сè почесто избираат современи музички правци, има и такви кои својот животен пат го посветуваат на зачувувањето и афирмацијата на македонската традиционална музика. Еден од нив е прилепчанецот Сергеј Настески, студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, кој преку народните инструменти го гради својот уметнички идентитет.
Неодамнешниот концерт „Како дишам јас“ во Прилеп беше само уште една потврда за неговата посветеност на македонската традиционална музика. Зад сценските настапи стојат години работа, учење и желба народните инструменти да добијат заслужено место пред современата публика. Токму за тој пат, но и за предизвиците, соништата и идните планови, разговаравме со Сергеј Настески.
Кој е Сергеј Настески кога не е на сцена? Како изгледа твоето секојдневие?
Моментално ја завршив третата година на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Денот ми е исполнет со предавања, многу вежбање на народните инструменти и на пијано, кое ни е задолжителен инструмент, но и со дружење со пријателите. Освен музиката, голем дел од моето друштво е поврзано и со спортот, особено со фудбалот. Како и кај секој студент, деновите се исполнети со обврски, но музиката е она околу што се врти сè.
Кога музиката престана да биде само љубов, а стана твоја животна определба?
Имаше еден момент што силно ме одбележа. Додека учев во средното музичко училиште многу сакав да бидам дел од една турнеја во Италија. Искрено верував дека заслужувам место во оркестарот, но тоа не се случи. Во тој момент бев разочаран. Сепак, благодарение на професорот Сашко Петрев, кој ми даде огромна поддршка и ми помогна повторно да поверувам во себе, сфатив дека поразите не се крај, туку можност да работиш уште повеќе. Тој ми покажа дека секое разочарување може да стане мотив, а токму тогаш музиката стана нешто со кое сакам да живеам и од кое сакам да живеам.


Што најмногу те промени како личност во текот на музичкото образование?
Кога заминав на студии во Скопје, сфатив колку сум грешел кога мислев дека малкумина се занимаваат сериозно со народната музика. Запознав исклучително талентирани и посветени млади луѓе од цела Македонија, кои секојдневно работат на зачувување на традицијата. Дружењето со нив, настапите, фестивалите и турнеите ми ги проширија погледите и ме научија дека секогаш има простор за учење и напредување.
Како изгледа дисциплината зад еден млад уметник- што значи „ден за работа“ кај тебе?
Дисциплината е основата на сè. Зад секој концерт стојат часови вежбање, слушање, анализирање и подготовки. Публиката го гледа само настапот, но ретко ја гледа работата што претходи. Без секојдневна посветеност нема напредок.
Што за тебе значи традицијата кога ја гледаш од перспектива на млад човек?
Мислам дека ние, младите музичари, сме чувари на традицијата. Нашата задача е таа да не остане затворена во музеј и да собира прашина, туку да продолжи да живее. Традицијата треба да се свири, да се слуша и да се пренесува на новите генерации. Само така ќе остане жива.
Кои луѓе најмногу влијаеле врз твојот уметнички развој?
Најпрво би го споменал професорот Менто Ташкоски, кој прв го препозна мојот потенцијал и ми помогна да го изградам музичкиот карактер. Подоцна многу научив од професорот Драган Даутовски, кој не нè учеше само да свириме, туку и поинаку да размислуваме за музиката и традицијата.
Денес огромно влијание има професорот Марјан Јанкоски. Тој не е само професор, туку вистински ментор и голема поддршка за сите нас. Ни верува, ги прифаќа нашите идеи и нè охрабрува да создаваме. Секој млад музичар би посакал покрај себе да има човек кој толку искрено се радува на успехот на своите студенти.

Како сцената влијаеше врз тебе како човек?
Не мислам дека сцената ме промени како личност. И приватно и на сцена сум ист – сакам позитивна атмосфера, избегнувам конфликти и секогаш се трудам да внесам насмевка. Единственото што сцената ми го даде е поголема самодоверба. Научив дека критиките не треба да се доживуваат како нешто лошо, туку како можност да станеш подобар.
Што луѓето најчесто не гледаат кај еден уметник?
Не гледаат колку труд има зад еден концерт. Зад еден час на сцена стојат години работа, вежбање, откажувања, нервози и многу жртви. Понекогаш луѓето не разбираат колку време и енергија се вложуваат за еден настап, а токму тоа е најголемиот дел од приказната.
Неодамна го реализираше концертот „Како дишам јас“. Како се роди идејата и како денес гледаш на тоа искуство?
Отсекогаш сум сонувал за концертна дејност и за настапи на големи сцени. Сметав дека ако треба некаде да започнам, тоа мора да биде во мојот роден Прилеп, пред луѓето кои најдобро ме познаваат. Кога ја споделив идејата со професорот Марјан Јанкоски, веднаш добив поддршка и охрабрување.
Сакав токму моите сограѓани први да го видат тоа што го работам. Многумина ме знаат како Сергеј музичарот, но малкумина знаеја со што навистина се занимавам и колку е посветен мојот пат на народните инструменти. Овој концерт беше можност да им се претставам токму онака како што се гледам себеси како уметник.
Подготовките не беа воопшто лесни. Работевме во период кога сите бевме во испитна сесија, но колегите вложија огромен труд и покажаа вистински професионализам. Организацијата бараше многу време, ангажман и финансиска поддршка, но најважно ми беше концертот да биде реализиран токму во Прилеп.


Имав искрена поддршка од повеќе прилепски компании и институции кои веруваа во идејата уште од самиот почеток. Тоа ми даде дополнителна мотивација и ми покажа дека кога имаш добра замисла и искрена намера, секогаш ќе се најдат луѓе кои ќе застанат зад тебе.
На самиот ден временските услови речиси го спречија концертот. Почна силен дожд и за миг изгледаше дека сè ќе пропадне. Во тие моменти не размислував да се откажам. Благодарение на брзата реакција на Општина Прилеп успеавме за кратко време да се преселиме во киното „Мис Стон“, без можност за нова тонска проба. Публиката стрпливо чекаше, а салата на крајот беше исполнета до последното место.
Тоа беше момент што никогаш нема да го заборавам. Кога ја видов полната сала, сфатив дека целиот вложен труд имал смисла. Наместо дождот да ме обесхрабри, тој само уште повеќе ме зацврсти во желбата да продолжам по овој пат.
Токму тој момент ми покажа дека вредеше целиот вложен труд. Наместо да ме обесхрабри, дождот уште повеќе ме мотивира. По концертот почувствував дека сум направил важен чекор во мојата кариера и добив уште поголема желба да продолжам да работам и да создавам нови концертни проекти.
Верувам дека ова беше само почеток. Се надевам дека еден ден повторно ќе настапам на Камената бина, во услови какви што ги замислував од самиот почеток, и дека народните инструменти ќе добиваат сè поголем простор пред домашната публика.
Деновиве заминуваш на турнеја во Турција. Што значи тоа за тебе?
Тоа е голем предизвик и голема чест. Заминувам со Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“, со кое ќе учествуваме на меѓународен фестивал на кој ќе настапат ансамбли од повеќе од педесет држави. Тоа е можност да се запознаат различни култури, но и да се претстави македонската традиција пред светската публика. Досега имав можност да настапувам и во Шпанија, Франција и Португалија и се надевам дека ова е само почеток на уште многу меѓународни настапи.
Каде сакаш да те однесе овој пат – како човек и како музичар?
Пред сè сакам да останам исполнет со тоа што го работам. Би сакал еден ден да настапувам на големи светски сцени и достојно да ја претставувам македонската традиција. Но, мојот најголем сон е еден ден да одржам солистички концерт во Македонската филхармонија. Можеби тоа е голем сон, но верувам дека со многу работа, посветеност и љубов кон музиката, секој сон може да стане реалност.

















