И ПЛАЧАТ И ПЕАТ ИСТОВРЕМЕ
Посветено на поетите
Посветено на поетите
И плачат и пеат истовреме.
Никој не ги научил така.
Тоа е јазикот
што го зборува срцето
кога веќе нема друг превод.
Не собираат зборови.
Ископуваат светлина
од најдлабоките пештери на болката.
Со голи раце
ја допираат тишината
и од неа палат ѕвезди.
Поетот не оди по патеки.
Тој гази по стаклото на времето,
а секоја капка крв
се претвора во црвена буква
што ниеден пламен не може да ја изгори.
Кога луѓето ги заклучуваат прозорците,
поетите ги отвораат небесата.
Кога сите молчат,
тие го слушаат крикот
што никогаш не стигнал до ничии усни.
Во нив живеат
и детето што сè уште верува,
и старецот што ги исплакал сите свои реки.
Тие се дом
на изгубените гласови,
на недоречените љубови,
на сите прегратки
што никогаш не се случиле.
Не пишуваат за да бидат славни.
Пишуваат
за нечија темнина
да не остане сама.
И кога светот ќе рече:
„Ништо не се смени“,
тие ќе насадат еден стих
во пукнатината на каменот,
верувајќи
дека и карпите
еден ден ќе процутат.
Затоа,
не прашувајте
зошто очите им се влажни,
а гласот им свети.
Во секоја песна
има по едно распетие,
по едно воскресение,
по една искра
што одбива да умре.
Така живеат.
И плачат…
за да не заплаче човештвото.
И пеат…
додека надежта
сѐ уште има глас.
Олга Наумовска
















